• четврток, 21 ноември 2024

Полскиот Парламент изгласа законот за абортус да се испрати до специјална комисија на дополнителна анализа

Полскиот Парламент изгласа законот за абортус да се испрати до специјална комисија на дополнителна анализа

Варшава, 12 април 2024 (МИА) - Пратениците во полскиот Сејм (долниот дом на парламентот) денеска изгласаа да се испратат четири закони за абортус до специјална комисија која дополнително ќе ги анализира.

Два предлог-закони имаат за цел да го легализираат абортусот до 12-та недела од бременоста, а третиот е насочен кон декриминализација, пишува „Гардијан“.

Четвртиот, предложен од конзервативната алијанса Трет пат, повикува на враќање на строгите закони од 1993 година.

Во Полска, речиси целосна забрана за абортус беше воведена во 2021 година, но откако ја презеде власта минатиот октомври, новиот премиер Доналд Туск го врати јавното финансирање за ИВФ, а новата владејачка коалиција, исто така, гласаше за промена на правилата за пристап до итна контрацепција. 

Според постоечките закони, абортусот е легален во случај на силување, инцест или ако здравјето или животот на жената е во опасност.

Активистите за правата на жените истакнуваат дека дури и легален абортус е тешко да се добие бидејќи лекарите не се сигурни во правилата или одбиваат да ја прекинат бременоста од морални причини.

На почетокот на оваа недела, Европскиот парламент ги повика земјите-членки на ЕУ целосно да го декриминализираат абортусот, а Полска и Малта да ги укинат законите кои го забрануваат и ограничуваат.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека Полска, претежно католичка земја, се оддалечува од учењето на црквата и дека се поголем број гласачи го поддржуваат правото на абортус. ссм/

фото: архива

Остани поврзан