• понеделник, 23 декември 2024

Полскиот министер за надворешни работи Шикорски пристигна во посета на Украина

Полскиот министер за надворешни работи Шикорски пристигна во посета на Украина

Варшава, 13 септември 2024 (МИА) - Полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски пристигна во посета на Украина.

Првиот полски дипломат и градоначалникот на Лавов го посетија местото на неодамнешниот ракетен напад и најавија дека Полска ќе ја поддржи реконструкцијата на уништената инфраструктура, објави полското МНР на Икс.

„По средбата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, министерот Шикорски замина во посета на Украина. Заедно со градоначалникот на Лавов, Андриј Садови, положија цвеќе на спомен плочата за жртвите од рускиот ракетен напад на 4 септември“, се вели во соопштението на полското Министерство.

Полскиот министер за надворешни работи нагласи дека руските напади врз цивилната инфраструктура на Лавов се „уште едно воено злосторство“.

„Ја потврдуваме нашата посветеност, предлогот на премиерот Доналд Туск, дека ќе ги обновиме куќите и училиштата одредени од кабинетот на градоначалникот на Лавов на сметка на Полска во знак на солидарност со Украина, која херојски се бори“, рече Шикорски.

Тој, исто така, го повика НАТО и целиот демократски свет да го забрзаат снабдувањето со оружје, особено системи за противвоздушна одбрана, кои, како што рече, на Украина и се неопходни.

На заедничката прес-конференција во Варшава, Шикорски и Блинкен изјавија дека „Западот треба да продолжи да и дава поддршка на Украина во борбата против рускиот агресор и да продолжи да врши притисок врз Кремљ да ја прекине војната“. паг/

 

Остани поврзан