• понеделник, 23 декември 2024

Полицијата побројна од протрамповските демонстранти пред Капитол

Полицијата побројна од протрамповските демонстранти пред Капитол
Вашингтон, 18 септември 2021 (МИА) – Полицијата околу американскиот Капитол денеска бројно ги надмина демонстрантите кои дојдоа да ги поддржат лицата на кои им се суди затоа што на 6 јануари насилно влегоа во седиштето на американската демократија  во обидот да го запрат потврдувањето на изборната победа на Џо Бајден. Британските медиуми пренесуваат дека во центарот на американската престолнина денеска се појавија само меѓу 100 и 200 демонстранти, а некои од нив ги носеа знамињата на десничарската група „Three Percenters“ (Три проценти). Оваа група е именувана по наводниот процент од вкупното население кое успешно се спротивстави на британската власт за време на американската револуција. Но, денеска  многу помалку од 700 луѓе пристигнаа пред Капитол, како што очекуваа организаторите. Стотици припадници на безбедносните сили патролираа на подрачјето на Капитол, институција која е заштитена со ограда висока 2,44 метри, повторно подигната по шест месеци. Сто припадници на Националната гарда беа во состојба на готовност. На митингот зборуваа поддржувачите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој беше критикуван за охрабрувањето на илјадници луѓе да влезат во Капитол на 6 јануари, каде што се случи потврдата за изборната победа на Џо Бајден, која републиканците ја прогласија за измама. Неговите поддржувачи инсистираат на тоа дека демонстрантите, кои се обвинети, се „политички затвореници“. -Ова е прашање на правда и различен третман, рече Мет Брајнард, организатор на собирот кој се согласува со тврдењата на Трамп за кражба на изборите. сд/

Остани поврзан