• недела, 22 декември 2024

Полициски час во Сиера Леоне откако вооружени напаѓачи упаднаа во затворите и ослободија затвореници

Полициски час во Сиера Леоне откако вооружени напаѓачи упаднаа во затворите и ослободија затвореници

Фритаун, 27 ноември 2023 (МИА) - Полициски час е воведен низ Сиера Леоне, откако вооружени напаѓачи вчераутро упаднаа во затворите и ослободија голем број затвореници. Претседателот Џулиус Маада подоцна изјави дека повеќето од оние кои стојат зад нападот се уапсени, пишува Би-Би-Си.

Маада во телевизиско обраќање рече дека тоа е нарушување на безбедноста и напад на демократијата. Тој додаде дека властите ja вратиле мирната состојба, но не наведе детали кои се сторителите и кои се нивните барања. За време на неговото обраќање, тој внимателно избегнуваше да го нарече инцидентот обид за државен удар.

Политичката ситуација во Сиера Леоне е тензична од јуни, кога претседателот Јулиус Маада беше реизбран во вториот круг. Меѓународните набљудувачи ги осудија недоследностите и недостигот на транспарентност при пребројувањето на гласовите, како и актите на насилство и заплашување.

По нападите на затворите, властите прогласија полициски час. На жителите на целата земја им беше препорачано да останат дома, а летовите од единствениот меѓународен аеродром во земјата беа откажани.

Засега не е познато колку затвореници ослободиле напаѓачите. На социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледа како луѓето бегаат од затворската област Central Pademba Road во Фритаун.

Во август, неколку војници беа уапсени во Сиера Леоне и обвинети за заговор за државен удар против претседателот. Осум земји во Западна и Централна Африка се под воена управа по серијата државни удари, вклучително и соседна Гвинеја. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан