Полицајци ги едуцираат основците за правилно управување електричен тротинет
- Преку новиот превентивно-едукативен проект „Сообраќајна култура и младите во сообраќајот“ полициски службеници од СВР Тетово на посебни часови ќе ги запознаат највозрасните основци од деветто

Тетово, 10 октомври 2022 (МИА) - Преку новиот превентивно-едукативен проект „Сообраќајна култура и младите во сообраќајот“ полициски службеници од СВР Тетово на посебни часови ќе ги запознаат највозрасните основци од деветто одделение со сообраќајните знаци, како правилно да се движат по патишта и улици на кои нема обликувани тротоари, како безбедно да управуваат електрични тротинети, а ќе бидат информирани и за законските импликации за непостапување според важечките сообраќајни правила и прописи.
Покрај ова, на деветтодделенците ќе им бидат презентирани и други информации поврзани со основните сообраќајни поими и начини на однесување како мотоциклисти, пешаци и слично.
-Со проектот ќе бидат опфатени ученици во деветто одделение во над 60 основни училишта на тетовско-гостиварското подрачје, а кои следат настава на македонски, албански и турски јазик. Целта на проектот е подигнување на нивото на сообраќајна култура на младите во функција на подобрување на вкупната безбедност на патиштата и улиците во поширокиот Полошки регион, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Предавањата од стручно обучени полициски службеници започнаа денеска, а ќе се одвиваат овој и наредните два месеци, колку што се планира да трае проектот. ас/мд/