• сабота, 21 декември 2024

Политико: Фон дер Лајен го одлага претставувањето на новата ЕК до следната недела

Политико: Фон дер Лајен го одлага претставувањето на новата ЕК до следната недела

Брисел, 10 септември 2024 (МИА) - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го одложи за следната недела објавувањето на распределбата на ресорите меѓу кандидатите за 26-те комесари во новата Европска комисија, пренесува Политико, повикувајќи се на тројца неименувани функционери запознаени со одлуката.

Како што се наведува, Фон дер Лајен утре претпладне требаше да се сретне со лидерите на различни политички групи во Европскиот парламент, по што се очекуваше да го соопшти составот на следната Комисија, но таа средба сега е одложена за следната недела кога Европскиот парламент се состанува во Стразбур.

Словенија во понеделникот потврди дека поранешната амбасадорка на земјата Марта Кос ќе биде нејзин кандидат за еврокомесар, откако Томаж Васел ја повлече својата кандидатура, помагајќи ѝ на Фон дер Лајен да ја постигне својата цел за еднаква застапеност на половите во ЕП. Сепак, Парламентот на Словенија допрва треба да ја потпише оваа замена на кандидатите, а тоа води до одложување на објавувањето на следниот состав на Комисијата. Со назначувањето на Кос, предложениот состав на новата Европска комисија би вклучувал 10 жени од 26 номинирани за комесари.

Фон дер Лајен претходно побара од земјите-членки на ЕУ да номинираат и мажи и жени како кандидати за нејзиниот иден тим од 26 комесари, освен ако сегашниот комесар не остане на функцијата. Бугарија е единствената земја која одговори на тоа барање, поради што Фон дер Лајен изврши притисок врз најмалку пет помали земји од ЕУ да ги заменат машките кандидати со женски. Романија неодамна ја именуваше европратеничката Роксана Минзат за свој кандидат за комесар, откако првично предложи машки кандидат.

Сите 26 кандидати за комесари треба да бидат одобрени од Европскиот парламент, а следната Европска комисија се очекува да започне со работа на 1 декември. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан