• петок, 12 април 2024

Покачена цената на ѓубрарината во Свети Николе

Покачена цената на ѓубрарината во Свети Николе

Свети Николе, 3 јануари 2023 (МИА) – Светиниколчани ќе плаќаат поскапа ѓубрарина. Одлуката е донесена на декемвриската седница на Советот на Општина Свети Николе и со истата ставката за ѓубрарина се зголемува за 25%. Градоначалникот, Дејан Владев, вели станува збор за покачување кое на комуналната сметка ќе се забележи за најмногу 250 денари, што значи дека ако некој плаќал сметка од 1.000 денари, сега ќе плаќа не повеќе од 1.250 денари.

-Покачена е само ѓубрарината, а не и цената на водата. Таа не може да се покачи, бидејќи истата ја одредува Регулаторната комисија. Покачувањето на ѓубрарината од 25% кога ќе се земат предвид сите ставки од сметката, ќе придонесе само за зголемување од 200 до 250 денари, вели Владев.

За ставката ѓубрарина-станбен простор покачувањето е од 3 на 5.70 денари, а за ставката ѓубрарина-двор е од 0.30 на 0.65 денари. Свети Николе не е првата општина која ја покачува цената за ѓубрарина. Претходно, поради ударот од енергетската криза, за покачување се одлучи и Штип, кое беше покачување од 100%, односно од 1,2 денари за метар квадратен на 2,4 денари. Корекцијата на цената раководството ја правдаше со тоа што домаќинствата и фирмите во Штип плаќале најниска цена за собирање и депонирање на отпадот, а трошоците за зголемување на цената на горивата и струјата се неколкупати зголемени.  вдј/аа/

Остани поврзан