• четврток, 26 декември 2024

Пожарот околу Кочани локализиран, граѓаните да бидат спокојни ситуацијата е под контрола, уверува кочанскиот градоачалник

Пожарот околу Кочани локализиран, граѓаните да бидат спокојни ситуацијата е под контрола, уверува кочанскиот градоачалник
Кочани, 3 август 2021 (МИА) - Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев ноќва изјави дека пожарот околу градот е под контрола, но остануваат да дежураат цела ноќ заедно со противпожарните единици коишто, како што рече, се во огромен број дојдени на местото од целата држава, со цел да се локализира огнот. На новинарско прашање кои се првичните информации од што настанал пожарот, Илијев рече оти не би сакал да шпекулира и ќе остави да истражат официјалните органи. - Во овој момент тоа не е најбитната работа за мене како градоначалник, најбитно е да го осигуриме градот и граѓаните да бидат спокојни дека се во сигурни раце и дека сите противпожарни единици заедно со Армијата се тука на терен и се грижат за Кочани и кочанчани не треба да се грижат, рече Илијев. На прашањето дали ќе има обештетување за граѓаните кои претрпеле штети, вклучително и според некои информации е угината стока, тој изјави дека нема такви информации и оти сега приоритет е гаснење на пожрот, а подоцна ќе се проценуваат и штетите. - Кочани во изминативе денови се соочува со пожари кои на различни локации прават огромни штети и проблемот е сериозен. Денешниот пожар што избувна околу 13 часот во непосредна близина на селото Бели, потпомогнат од сувата трева, силниот ветер, се ширеше во различни правци, во зависност од тоа во кој правец дуваше ветерот и правеше огромни проблеми на противпожарната единица и на сите оние кои дејствуваа врз оваа стихија. Во еден момент, кога се доближуваше до селото, противпожарната единица од Општина Кочани успеа да го спречи тој дел, понатаму пожарот продолжи да се шири по инудстриската зона каде што исто така се смени правецот на ветерот , меѓутоа противпожарната единица успеа и тој дел да го локализира, објасни градоначалникот. Илијев натаму информира дека поради промена на правецот на ветерот, пожарот продолжил да се шири кон правец на градот кадешто има зелен појас од борова шума, којашто беше зафатена. Тој рече дека и високите дрвја направиле огромен проблем и пожарот се доближил непосредно до куќите, дури и зафатил две куќи, а понатаму продолжил да се шири по улиците каде има сува трева и навлегол во тој дел од населбата Драчевик. - За среќа тука пожарот успеа да се спречи да се шири, но продолжи да се шири во другиот правец на градот, кон складот на дрва на Национални шуми каде што се уште гори, меѓутоа дежураме со неколку возила и постоеше опасност да се прошири кон централното градско подрачје што навистина беше загрижувачко, рече Илијев. Илијев изрази благодарност до противпожарните единици во Кавардци, Велес, Штип Пробиштип, Македонска Каменица, Берово и од целиот Исток, како и до градоначалникот на Скопје Шилегов, за упатената помош. та/нд/

Остани поврзан