• петок, 05 декември 2025

Пожарот во „Дрисла“ го гасат десет противпожарни возила, две цистерни на ЈП „Комунална хигиена“ помагаат со дотур на вода

Пожарот во „Дрисла“ го гасат десет противпожарни возила, две цистерни на ЈП „Комунална хигиена“ помагаат со дотур на вода

Скопје, 9 септември 2025 (МИА) - Десет противпожарни возила го гасат пожарот во депонијата „Дрисла“ кој избувна попладнево. Како што информираше за медиумите Звонко Томевски, командант на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, била побарана помош и од ЈП „Комунална хигиена“ од каде што се пратени две цистерни за дотур на вода, тие се на локацијата и ги дополнуваат противпожарните возила.

-Така што, се надевам дека за брзо време пожарот ќе биде целосно изгаснат, изјави Томевски.

Бил побаран и авион на Дирекцијата за заштита и спасување за помош при гасењето, но, за жал, рече тој, немало услови да интервенира. 

-Станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, имаше опасност да се зафати околната борова шума која е во близина на депонијата и да се предизвика дополнително шумски пожар којшто можеше да загрози понатаму и  објекти кои се во близина, додаде командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје. хс/ев/ 

Фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан