• недела, 17 ноември 2024

Пожарот во Атина сè уште не е ставен под контрола - материјална штета и евакуирани жители

Пожарот во Атина сè уште не е ставен под контрола - материјална штета и евакуирани жители
Атина, 4 јуни 2022 (МИА) –  Пожарот што попладнево избувна во подножјето на планината Имитос во Атина и брзо од една, се прошири кон друга населба во јужниот дел на градот, сè уште не е ставен под контрола, зголемен е бројот на пожарникари кои интервенираат и од копно и од воздух, а превентивно се евакуираат жители, децата сместено во Детските села СОС, како и Дом за стари лица, што се во близина на пожарот, јави дописничката на МИА од Атина. Градоначалникот на Општината каде што е пожарот Григорис Константелос, говорејќи за грчката телевизија „Скај“ рече дека одлуката за евакуација е превентивна. Според грчките медиуми, две повозрасни лица со проблеми со дишењето биле пренесени во болница и им била пружена прва помош, а изгорени се неколку куќи, иако сè уште не е позната големината на материјалната штета од пожарот. Портпаролот на противпожарната служба на Грција Јанис Артопиос информираше дека во пожарот интервенираат 102 пожарникари со три пешадиски тима, 30 возила, шест авиони и пет хеликоптери, од кој еден за координација. Додаде дека во Атина пристигнуваат пожарникари од Пелопонез, од западна и централна Грција, а помагаат и војската со еден хеликоптер, полицијата со 250 полицајци со 25 мотори и десет патролни возила, како и огромен број волонтери пожарникари, но и цистерни од општините. Претпладнево преку бројот 112 за итни случаи, поради големиот пожар Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција побара од жителите на атинската населба Ано Вулас во јужниот дел на градот да се евакуираат. ср/ми/

Остани поврзан