• понеделник, 27 јануари 2025

Пожарникарите од Виница во 2024 година имале 112 интервенции, проценетата штета е над 620 илјади денари

Пожарникарите од Виница во 2024 година имале 112 интервенции, проценетата штета е над 620 илјади денари

Кочани, 25 јануари 2025 (МИА) – Вкупно 112 интервенции за гаснење пожари имала Територијалната противпожарна единица од Виница во текот на 2024 година, што е за една четвртина повеќе во споредба со претходниот едногодишен период.

Најголем број од интервенциите, вкупно 83, биле кај пожари на отворен простор, при што била опожарена површина од 167 хектари, што е за над 50 отсто повеќе споредено со 2023 година. Во 13 случаи се интервенирало кај запалени објекти, четири излегувања на терен биле за гаснење пожари кај моторни возила, а останатите пет се друг вид интервенции.

-Лани од пожарите е предизвикана материјална штета што се проценува на вкупен износ од над 620 илјади денари, што е далеку пониска вредност во споредба со 2023 година. Причина за избувнување на огнената стихија кај 101 интервенција е човечко невнимание, кај 7 интервенции имаше спој на електричната инсталација и неисправност на електрични броила, а два пати интервениравме кај запалени оџаци. Во текот на минатата година спроведовме пет превентивни активности за заштита од пожари, односно предавања во училиштата и фирмите, како и заеднички практични вежби во стопанските субјекти, истакна Виктор Димитров, командир на ТППЕ – Виница.

Покрај гаснењето пожари, пожарникарите од Виница имале и 14 други интервенции, од кои седум биле кај сообраќајни несреќи во кои во два одделни случаја имало по едно загинато лице.

Освен со интервенции на територијата на општината, виничките пожарникари во текот на минатата година во седум случаи со опрема и кадар им помагале и на своите колеги од Кочани, Берово и Свети Николе. та/aa/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан