• недела, 22 декември 2024

Поетесата Николина Андова Шопова на фестивалот во Братислава

Поетесата Николина Андова Шопова на фестивалот во Братислава

Скопје, 20 ноември 2023 (МИА) - Познатата македонска поетеса Николина Андова Шопова учествуваше на поетскиот фестивал Ars Poetica во Братислава во Словачка. Во рамки на програмата на фестивалот, Шопова на 17 ноември ја претстави својата поезија во мултимедијалниот културен центар V-club.

Исто така, дел од нејзината поезија беше објавен од издавачката куќа „Ars poetica“ во превод на словачки јазик од Звонко Танески, со поддршка од македонското Министерство за култура.

Фестивалот кој е еден од најреномираните европски поетски фестивали, член на платформата „Versopolis“, оваа година се одржува од 15 до 22 ноември под мотото „Cherchez la femme“  - „Барајте ја жената“ и е посветен исклучиво на жени авторки и нивна афирмација.

Во рамките на програмата на Фестивалот, на словачката поетеса Мартина Стракова ѝ беше врачена плакетата со наградата „Мостови на Струга“, меѓународна награда што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата во соработка со УНЕСКО за дебитантска книга од млади автори до 35 години. Стракова беше добитничка на наградата во 2020 година за нејзината дебитантска книга „Разгледници од невидливите места“, но заради ковид пандемијата не беше во можност да учествува на фестивалот со физичко присуство.бт/са/

Остани поврзан