• понеделник, 23 декември 2024

Подобрени условите во ПОУ во делчевско Тработивиште преку Програмата „РОМАКТЕД 2“

Подобрени условите во ПОУ во делчевско Тработивиште преку Програмата „РОМАКТЕД 2“

Делчево, 15 ноември 2023 (МИА) - Во подрачното училиште „Св Климент Охридски“ во делчевското село Тработивиште денеска е пуштен во употреба реновираниот дел од училиштето, во чии рамки оспособени се три реконструирани училници, санитарни чворови и тоалет за лица со попреченост.  

Активноста се реализира преку проектот „Промовирање на доброто управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“ во рамки на втората фаза од програмата „РОМАКТЕД“, како заедничка иницијатива на Европската комисија (DG NEAR) и Советот на Европа, спроведена во Западен Балкан и Турција.  

Увид во реконструираниот дел од училиштето денеска направи градоначалникот на Делчево Горан Трајковски заедно со претставникот од Владата Елвис Мемети, претставничката од Советот на Европа Ѓултен Мустафова, претставници од Институтот „Ромалитико“. По повод ставањето во функција на реновираниот дел од училиштето, учениците од ПОУ „Св.Климент Охридски“ подготвија пригодна програма.

Градоначалникот Трајковски го нагласи значењето на подобрените услови за работа во подрачните училишта,  потенцирајки дека основната цел е интеграција на ромското население и зајакнување на заедницата и образованието, како темел за остварување на општинските цели.

-Инвестицијата во образованието е инвестиција во иднината и ако во овој случај, ова го комбинираме со основните пораки и цели на Програмата „РОМАКТЕД“, тогаш сме оствариле голема цел и сме докажале дека заедницата и општината се партнери во креирањето подобра иднина. Покрај три реконструирани училници, санитарни чворови и тоалет за лица со попреченост, доби и нова пвц-влезна врата, нови училишни клупи, столчиња, шкафчиња и магнетна табла, рече Трајковски.  Изрази благодарност на донаторите, Советот на Европа и ЕУ и „Ромалитико“ што ја препознаа потребата на жителите на село Тработивиште и, како што рече, ни помогнаа да реализираме капитален проект за училиштето.  

Регионалната програма „Ромактед“, како што истакна Елвис Мемети, советник во кабинетот на премиерот, се имплементира во 12 општини, меѓу кои и општина Делчево. Целта, како што истакна, е промовирање на добро управување меѓу населението на локално ниво и зајакнување на Ромите и ромската заедница.  

-Владата преку оваа програма, заедно со градоначалникот направи неколку клучни инвестиции за ромската заедница во Делчево и Тработивиште, кои ќе донесат промени на краток и на долг рок. Една од таквите инвестиции е оваа денес во Подрачното основно училиште во Тработивиште. Иако не сум од Делчево, но мојата генерација е сведок дека токму од овој регион произлегуваат  најдобрите ромски кадри распространети насекаде во сите бранши. Вие  најдобро ја знаете која е таа мотивација, но моја одговорност како советник  за инклузија на Роми е да ги застапувам овие иницијативи до целосна  реализација, рече Мемети.

Ѓултен Мустафова од Советот на Европа нагласи дека Програмата се имплементира во седум земји во Западен Балкан и Турција и опфаќа повеќе од 70 општини. Целта е заеднички ромската заедница и Општината да носат приоритети и мерки кои ќе бидат крорисни за самата заедница.  

Со оваа инвестиција вредна околу 1 милион денари значително се подобрија условите за настава на вкупно 33 ученици во деветтолетката во село Тработивиште, од кои 16 ученици се Роми. Во ова подрачно училиште се изучува и ромскиот јазик и култура, посочи директорот на училиштето Горан Димитровски и додаде дека е подготвена проектна документација за продолжување на реконструкцијата на старата училишна зграда за што ќе се бараат дополнителни извори за финансирање. 

Училиштето во село Тработивиште е едно од најстарите училишта во Делчево, чија образовна дејност трае скоро седумдесет години. Овде учеле многу генерации ученици, а своето основно образование го стекнале не само деца од Тработивиште, туку и од околните села и од Малешевијата. вс/мд/

Фото: МИА
 

Остани поврзан