• недела, 22 декември 2024

Подмладоци на  парламентарни партии го потпишаа Студентскиот манифест на УСС на УКИМ за подобро образование

Подмладоци на  парламентарни партии го потпишаа Студентскиот манифест на УСС на УКИМ за подобро образование

Скопје, 11 март 2024 (МИА) - Претставници на подмладоците на шест парламентарни партии денеска го потпишаа Студентскиот манифест кој Универзитетското студентско собрание (УСС) на Скопскиот универзитет го претстави во средата. Манифестот е повик во предизборниот период за генерални политики за подобра иднина за студентите и подобрено високо образование и подигнување на свеста кај јавноста за проблемите со кои се соочуваат студентите.

Потпис на документот, во кој три клучни цели се бесплатно високо образование, интернационализација и дигитализација, ставија претставници на подмладоците на партиите застапени во Собранието кои се одѕваа на поканата на УСС на УКИМ - СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЛДП, ДОМ, Левица и Демократско движење. 

Претседателот на УСС на УКИМ Александар Николовски им се заблагодари и кажа дека не бараат ветување од нив затоа што, рече, „ветувањата се историја кои знаеме како завршуваат“. Очекува партиите да го поддржат овој документ кој ја претставува нивната визија и потреба за реформирано високо образование и дека оние што ќе ја освојат власта по изборите ќе работат на позитивни промени во образованието. 

-Ве повикавме затоа што сметаме дека со соработка и заеднички труд, кој и да дојде утре на власт, доколку ова го потпишеме и се залагаме  заедно да работиме – ние активно, и вие активно, дека ќе може да направиме позитивна промена со што ќе ги задржиме младите тука и ќе ги мотивираме да го подобруваат општеството, рече Николовски. 

Посочи дека документот е продолжение на првата декларација за подобар студентски стандард која во 2020 беше потпишана во паркот пред Министерството за образование и наука од тогашните претставници на политичките партии. 

-Овој Студентски манифест се однесува на продолжување на тие мерки, на оние кои, за жал, не се исполнети од Владата, за кои се надеваме дека ќе се бориме да се остварат, многу поактивно за разлика од другите студентски собранија. Но и нови мерки за кои сметаме дека е време да почнат како поголеми процеси за реформи во високото образование, како што е бесплатното високо образование, пракса што се применува во повеќето земји на Балканот, интернационализација - за да привлечеме странски студенти кои ќе останат тука да работат и ќе може да ја развијат нашата економија, и целосна дигитализација во високото образование, истакна Николовски. 

Покрај клучните три, цели на Манифестот за што ќе се залагаат се и квалитет наспроти квантитет поради, како што рече,  огромниот број студентски програми, големиот број универзитети и факултети, и поголема автономија на високообразовните установи при вработување кадар и во управувањето со финансиите. 

Студентскиот манифест на УСС на УКИМ е поддржан од студентските собранија на универзитетите „Св. Климент Охридски“ - Битола, „Гоце Делчев“ - Штип, „Мајка Тереза“ - Скопје, „Св. Апостол Павле“ - Охрид и Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово. хс/аа/

Фото: МИА 

 

 

Остани поврзан