• петок, 22 ноември 2024

Поддршка од Г7 за брз старт на преговорите со ЕУ, Софија признава дека местото на земјва е во Унијата, но останува на блокадата на нашиот европат

Поддршка од Г7 за брз старт на преговорите со ЕУ, Софија признава дека местото на земјва е во Унијата, но останува на блокадата на нашиот европат
Скопје, 16 мај 2022 (МИА) - Групата седум индустриски најразвиени земји во светот (Г7) на средба во Германија изрази „силна поддршка“ за брзо отворање на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ. Софија приззнава дека долгорочно Северна Македонија треба да е дел од Европската унија, меѓутоа и натаму останува на ставот за блокадата на европскиот пат на земјава, нагласувајќи дека мора да се надмине политичката реторика и да се работи, па откако ќе биде „завршена работата“ ќе биде повлечено бугарското вето за старт на преговорите со ЕУ. Властите од Скопје, пак, порачуваат дека решение е можно единствено ако тоа се заснова на европски вредности, со почитување на достоинството на граѓаните на двете држави. Шефовите на дипломатиите на членките Г7 - Велика Британија, Германија, Италија, Канада, Јапонија, Франција и САД и високиот претставник за заедничка надворешна политика и безбедност на ЕУ, од средбата одржана викендов во германскоот место Вајзенхаус порачаа дека силно го поддржуваат брзото отворање на пристапните преговори Северна Македонија и Албанија со ЕУ и ја потврдија посветеноста на европската перспектива на шесте земји од Западниот Балкан, која обезбедува безбедност, стабилност и просперитет на регионот. - Го поздравуваме тоа што Западниот Балкан е обединет во осудата на руската агресија на Украина, особено во Генералното собрание на ОН. Ги поздравуваме Северна Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора за целосното усогласување на нивните надворешни политики со ЕУ, вклучувајќи ги и санкциите и нивното спроведување. Ја повикуваме и Србија да го стори истото, се наведува во завршното соопштение од мнистерската средба на Г7. Министрите воедно го поздравија напредокот во инклузивната регионална соработка и енергетската транзиција, особено преку Заедничкиот регионален пазар и Зелената агенда за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес. Поддршка за европската перспектива на земјава изрази и турскиот заменик министер за надворешни работи задолжен за Балканот и за прашања поврзани со Европската Унија, Фарук Кајмакчи, во интервју за МИА порача дека процесите за членство во ЕУ не треба да се „национализираат“ и билатералните прашања не треба да се ставаат на преден план како пречка за процесите за членство. - Секогаш сме ја поддржувале интеграцијата на Северна Македонија во европските и евроатлантските институции. Се надеваме дека пристапните преговори со ЕУ ќе започнат што е можно поскоро. Турција, која секогаш стоеше до Северна Македонија уште од нејзината независност, ќе продолжи да ја поддржува својата пријателска Македонија, истакнува Кајмакчи, коментирајќи ја бугарската блокада на стартот на преговорите за членството на Северна Македонија во ЕУ. И потпретседателот на Парламентарното Собрание на ОБСЕ и специјален претставник за Југоисточна Европа, Азај Гулијев, во интервју за МИА нагласи дека ЕУ треба да продолжи со процесот на проширување и напредокот на Северна Македонија треба да се препознае. - Скопје направи значителен напредок кон исполнување на Копенхашките критериуми, вклучително и преку градењето на демократските институции и промовирањето на владеењето на правото, како и преку работата на зајакнувањето на антикорупциските механизми, вели Гулијев. За спорот со Бугарија и бугарското вето за старт на преговорите, вели дека ПС на ОБСЕ верува оти дијалогот е најдобар начин за решавање на споровите, особено дијалогот меѓу земјите соседи, кој треба постојано да биде отворен. - Се надевам дека ќе имам шанса да разговарам за ова прашање со моите соговорници за време на мојата посета во Бугарија во јуни, со цел подобро да ја разберам ситуацијата на терен, нагласи Гулијев. Дека преговоите меѓу двете земји продолжуваат викендов потврдија и Скопје и Софија, најавувајќи притоа дека сепак нема да се одржи меѓувладината конфернција предвидена за 22 мај. Премиерот Димитар Ковачевски во саботата изјави дека на 22 мај нема да има заедничка владина конференција со Бугарија, од причина што агендите не го дозволуваат тоа, додадавајќи дека министерствата за надворешни работи на двете земји разменуваат идеи, но нема усогласено заедничко решение кое може да биде основа за меѓусебен договор. Решение со Бугарија, според Ковачевски, е можно единствено ако тоа се заснова на европски вредности, на принципи на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави и на меѓусебна почит меѓу политичарите, институциите и граѓаните. - Се додека нема такво решение кое што ќе се базира на овие вредности, нема да има договор. Во моментов, како и во претходниот период, министерствата за надворешни работи разменуваат идеи меѓу себе, меѓутоа нема усогласано заедничко решение кое што може да биде основа за меѓусебен договор и за споделување со институциите во едната или во другата држава, изјави Ковачевски. И властите во Софија потврдија дека заедничката седница на владите на Северна Македонија и Бугарија во Скопје, на која требаше да учествува бугарска владина делегација предводена од премиерот Кирил Петков, е одложена затоа што „нема договорен документ“ што би покажал напредок во преговорите меѓу двете земји. Шефицата на Кабинетот на претседателот на Владата на Бугарија, Лена Бориславова во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ) нагласи дека она што Софија и лично премиерот Петков би сакале да видат е „некаков доказ дека Република Северна Македонија има сериозен однос кон говорот на омраза и дискриминацијата на бугарското етничко население“. - Затоа, следните чекори кои се очекуваат е да продолжи работата во оваа насока, изјави Бориславова, додавајќи дека министерствата за надворешни работи на двете земји активно ги продолжуваат разговорите. Бугарскиот премиер Петков за софиската Нова ТВ изјави дека мора да се надмине политичката реторика и да се работи, додавајќи дека бугарското вето за старт на преговорите на земјава со ЕУ ќе биде повлечено тогаш кога ќе биде „завршена работата“. Петков оцени дека во Бугарија има обиди „да се продаде идејата за отстапување или неотстапување“ од бугарската позиција кон Северна Македонија, но дека вистината е оти долгорочно Северна Македонија треба да е дел од Европската унија. Бугарската потпретседателката Илијана Јотова, пак, изјави дека Бугарија не може да каже „да“ за членството на земјава во ЕУ, се додека Софија не добие доволно гаранции утврдени во конкретен и значаен документ на европско ниво, кои би биле земени предвид во секој чекор на патот на преговорите. вг/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан