Поддршка за законските измени за регулирање на онлајн игрите на среќа во второ читање во матичната собраниска комисија
- Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации, во второ читање, со кој се пристапува кон регулирање на онлајн приредувањето игри на среќа и санкционирање на злоупотребите, денеска доби поддршка од собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање.
Скопје, 4 март 2025 (МИА) - Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации, во второ читање, со кој се пристапува кон регулирање на онлајн приредувањето игри на среќа и санкционирање на злоупотребите, денеска доби поддршка од собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање.
За текстот на Предлог законот не беа поднесени амандмани и Комисијата без расправа го проследи на натамошна постапка во Собранието.
Како што образложи министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски минатата недела на распавата во рамки на 34. седница на Собранието, главната цел на законските измени е да се спречи нелегалното коцкање и да се заштитат граѓаните од злоупотреби и финансиски малверзации.
- Измените во овој закон ќе ни овозможат како Министерство да се справуваме со овие прашања, во соработка со Министерството за финансии и Агенцијата за електронски комуникации. По добиено известување од државниот приредувач на игри на среќа за тоа кои провајдери немаат добиено лиценца за приредување онлајн игри на среќа и по верификација од Министерството за финансии на кои ентитети се издадени лиценци, Министерството за дигитална трансформација ќе испрати налог до Агенцијата за електронски комуникации за прекинување на правото на пристап до овие провајдери, односно веб страници, со што ќе се забрани пристапот до нив за граѓаните од Македонија. Во втора фаза, ако некој од чинителите не постапува, овој закон ни дозволува можност и за прекршочни одредби и санкции кон оние институции кои нема да сакаат да постапуваат, истакна министерот Андоновски.
Нагласи дека при подготовката на предложените законски измени се користени компаративни искуства од Хрватска поради сличниот политички, економски и уставно-правен модел на македонскиот, а таму целата проблематика ја регулирало Министерството за финансии кое открило повеќе од 600 нелегални приредувачи на игри на среќа.
- Кај нас, Агенцијата за електронски комуникации ќе води јавен, транспарентен регистар на оние институции коишто имаат забрана, односно на оние веб-страници што се забранети за пристап заради нелегалното приредување игри на среќа. Свесни сме дека на овој начин нема да го спречиме нелегалното приредување игри на среќа, но подготвени сме да спречуваме една по една веб-страница сѐ додека не стигнеме до фаза во којашто точно ќе знаеме кој приредува игри на среќа, на кого тоа му е дозволено, кој плаќа уредно данок, кој ги почитува законите и правилата на игра, кој има вработени лица во својата институција, а кој сака да печали на грбот на македонските граѓани злоупотребувајќи го интернет просторот и злоупотребувајќи ги најмладите, информираше Андоновски.
Според презентираните податоци во тек на собраниската дебата, во државата се издадени 48 лиценци на компании за организирање игри на среќа, но евидентирани се околу 160 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа. лв/бак/
Фото: принтскрин