• понеделник, 23 декември 2024

Подготовка за учество на ТИМСС 2023 со пробно тестирање на четвртоодделенци

Подготовка за учество на ТИМСС 2023 со пробно тестирање на четвртоодделенци
Скопје, 9 март 2022 (МИА) – Во рамки на активностите за подготовка на нашата држава за учество на меѓународното ТИМСС-тестирање за ученици од четврто одделение во 2023 година, почна да се спроведува пробно ТИМСС тестирање кое ќе опфати 1197 четвртоооделенци во 30 основни училишта -  837 на македонски и 360 на албански наставен јазик. По случаен избор се избрани една или повеќе паралелки во зависност од големината на училиштето. Главното ТИМСС тестирање за ученици од четврто одделение ќе се спроведе идната година, од март до мај 2023, во 150 основни училишта и ќе опфати 4000 ученици. Целта на ТИМСС е да се согледа колкаво е нивото на математичка писменост и писменост по природните науки (физика, хемија, биологија и географија) кај учениците на крајот од четврто одделение и кои фактори влијаат на тие постигнувања. Пробното тестирање почна денеска во ООУ „26 Јули“ во општина Шуто Оризари кое го посети директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), Елизабета Наумовска. Таа соопшти дека првпат пробното тестирање се реализира електронски т.е. со компјутери со што, како што рече, се вклучуваме во редот на високоразвиените земји кои неколку години наназад на ваков начин ги спроведуваат меѓународните тестирања на учениците. -На компјутер ќе решаваат тест и ќе пополнуваат прашалник за ученици. Пробното тестирање има 11 различни тестови од областа на математиката и природните науки кои ќе треба да ги одговараат електронски, преку развивање креативно мислење и читање со размислување. Времето за реализација на тестирањето сосе подготовките и пополнување на прашалникот е три часа, рече Наумовска. Во рамки на пробното ТИМСС тестирање прашалници ќе добијат и наставници и директори на училиштата, а во писмена форма и родителите на тестираните деца за да се добијат одговори и за наставната практика, методите и пристапот во наставата, социоекономските услови и други фактори што влијаат на постигнувањата на учениците. Резултатите од главното, меѓународно тестирање на четвртоодделенците ТИМСС 2023, кое ќе се спроведе идната пролет, ќе бидат опфатени во опсежен извештај и објавени во декември 2024 година. -Врз основа на прибраните податоци од главното тестирање ќе се направи компаративна анализа на резултатите од сите земји учеснички на тестирањето, ќе се споредат резултатите на нашите ученици со интернационалниот просек и нашата држава ќе биде рангирана во студијата, посочи Наумовска. В.д. директорката на ООУ „26 Јули“ во општина Шуто Оризари,  Беса Ресаиди, каде што денеска почна пробното тестирање,  рече дека имаат согласност од родителите и добро соработуваат со ДИЦ за подготовките. Опфатени се 53 деца во две паралелки – на македонски и на албански јазик. -Децата се задоволни, некои првпат се среќаваат со компјутери и им беше објаснето како да се работи. Идната година ќе има задолжително тестирање,  ова е пробно и е за запознавање, додаде в.д.директорката. Нашата држава досега има учествувано во три ТИМСС тестирања за осмоодделенци – во 1999, 2003 и 2011 година, а за тестирање на  ученици во четврто одделение учествуваше на ТИМСС 2019. хс/са/

Остани поврзан