• четврток, 26 март 2026

Подготвителен камп на Пониква за млади информатичари за претстојните балкански и европски илимпијади во Италија, Бугарија и Кипар

Подготвителен камп на Пониква за млади информатичари за претстојните балкански и европски илимпијади во Италија, Бугарија и Кипар

Кочани, 23 август 2025 (МИА) - Во организација на Здружението „Бистри умови“, со поддршка од Здружението на информатичари на Македонија и од Општина Кочани, неделава десетина најдобри и талентирани млади информатичари од Македонија учествуваат на подготвителниот камп за националните информатички тимови.

Претстојат Балканската олимпијада што ќе се одржи во Италија, Европската јуниорска олимпијада – во Шумен во Бугарија и Балканската јуниорска олимпијада во Кипар. Во таа насока е и реализирањето на кампот на Пониква.

Ментори на најдобрите информатичари од Македонија се професори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, кои истакнуваат дека покрај онлајн подготовките, ова се вистински подготовки кога сите ученици се на едно место 24 часа, со можност да им се пренесе што повеќе знаење. Во подготовките помагаат и студенти од ФИНКИ кои претходно учествувале на меѓународни натпревари.

Претседателката на „Бистри умови“ Анита Атанасова-Грчев соопшти дека здружението организира и неколкумесечни бесплатни курсеви по математика и информатика, на кои претходната година учествувале 1700 ученици од цела Македонија.

Годинашнава светска олимпијада по информатика веќе се одржа во Боливија, каде што македонските информатичари постигнаа досега најдобри резултати – два сребрени медала. ис/аа/

Фото : МИА

 

 

 

 

Остани поврзан