• недела, 22 декември 2024

Повредени десетици демонстранти и припадници на КФОР во протестите на Србите во северно Косово

Повредени десетици демонстранти и припадници на КФОР во протестите на Србите во северно Косово

 Приштина, 29 мај 2023 (МИА) – Повеќе од 50 граѓани од српска националност се примени во болницата во Севрна Митровица со повреди здобиени по судирот со припадниците на мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, во текот на протестите против новоизбраните градоначалници Албанци во општините со мнозинско српско население во северно Косово, јави МИА од Приштина.

Според медиумските извештаи, во судирот на демонстрантите со припадниците на КФОР во Звечане има повредени од двете страни, а едно или повеќе лица се здобиле со повреди опасни по живот.

Директорот на болницата во Северна Митровица, Златан Елек изјави за медиумите на српски јазик дека таму се примени 53 граѓани со повреди од шок-бомби и солзавец. Тројца од повредените се задржани во болница, а еден од нив, според Елек, е во животна опасност.

Порталот на албански јазик „Газета Експрес“, повикувајќи се на сопствени неименувани извори, објави дека двајца етнички Срби, од кои едниот е идентификуван како Драгиша Галјак, се тешко повредени и сместени на интензивна нега.

Неофицијално, повредени се и околу дваесет припадници на КФОР, а министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани соопшти дека се повредени 11 војници од таа земја, од кои тројца потешко, но не се во животна опасност.

Амбасадорите на западните земји акредитирани во Приштина побараа смирување на тензиите и им изразија поддршка на силите на КФОР. иа/

Фото: ЕПА

Остани поврзан