Повик за финансиски понуди за автопатот Кичево - Букојчани на 1 август, најави Николоски
- Повик за финансиски понуди за автопатот Кичево - Букојчани во должина од 11 километри ќе биде објавен задутре, информира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Скопје, 30 јули 2025 (МИА) - Повик за финансиски понуди за автопатот Кичево - Букојчани во должина од 11 километри ќе биде објавен задутре, информира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Во гостување на ТВ Канал 5 Николоски денеска истакна дека се работи интензивно на автопатските решенија на Коридорот 8, посочувајќи дека си поставиле рок до крај на 2028 година од граница со Бугарија до граница со Албанија да има целосен автопат.
- На автопатот Кичево Охрид се работи интензивно. На автопатот не се работело добри 7,5 - 8 години и се работи во последните девет месеци, затоа што ни требаа неколку месеци да видиме каква е состојбата, да се соберат документи, да се направи анализа, итн.. За овие осум-девет месеци успеавме да ги завршивме првите 20 километри, на крајот на летото ќе пуштиме уште 17-18 километри. Потоа одиме во потешката фаза, остануваат уште 17 километри плус тунели од два километри кои што се завршени, сега се работат пристапните патишта. Очекувам до крајот на следната година како што е согласно законот што е усвоен и рокот што е зададен да го завршиме и првпат да имаме проект кој е завршен во рок, нема да е во првичниот рок, туку во продолжениот рок кој не е зададен од нас туку од претходната влада да го испочитуваме и да се заврши, рече Николоски.
Не застануваме тука, дополни министерот, и продлжуваме со активности во делот на спојката помеѓу двата автопата, Охрид - Кичево и Букојчани - Скопје. - За Кичево Букојчани задутре излегува повикот за финансиски понуди, го работиме заедно со Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова развој. Има и грант компонентна, тоа се 11 километри, а на Гостивар-Букојчани веќе се работи интензивно, исто така и Гостивар-Тетово. Тетово-Скопје веќе има автопат и крајниот рок што го поставивме е до крај на 2028 година од граница со Бугарија до граница со Албанија, односно од Крива Паланка до Струга и Охрид да има целосен автопат, рече Николоски.
Тој се осврна и на изградбата на експресниот пат Фариш-Дреново, посочувајќи дека „ако не ја поместеле планината немало да има пат уште најмалку три години“.
Како што посочи, критичари има многу пред тастатури, но од планината отстраниле материјал колку еден градски стадион да се наполни.
- Начинот на кој беше проектиран патот буквално висеше една цела планина над патот. Проектот беше дека треба да има заштита од челични сајли кои што требаше да ја држат планината да не падне на патот. Се спротиставив и реков да најдеме друго решение да ја поместиме планината и да го отстраниме тој материјал. Имаше скептици, но за жал после неколку недели се случи несреќата во Нови Сад со железничката станица. И после тоа на тие скептици им се отворија очите дека тие системи на челични сајли можеби се добри на хартија и проектански, но за жал се случува тоа што се случува и да нема такви случаи да го отстраните тоа што може да е потенцијален проблем. Дојде и вториот предизвик, не можеше да се минира затоа што патот е таков што преку мост се влегува во тунел и ако се случеше минирање ќе се срушеше мостот и тоа значеше уште три години да немаше експресен пат. Се најде инженерско решение, се донесоа машини кои буквално удираат во планината на дневна основа и се работеше околу 5 месеци. Сликовито да објаснам се отстрани материјал колку да го наполните Градски стадион. Има критичари кои пред тастатура седат и не работат, ама ние работиме и еве резултатите кажуваат, истакна вицепремиерот Николоски.лв/са/
фото: МИА архива