• петок, 05 декември 2025

Повеќе од 130 невладини организации повикуваат на затворање на Хуманитарната фондација за Газа

Повеќе од 130 невладини организации повикуваат на затворање на Хуманитарната фондација за Газа

Газа, 1 јули 2025 (МИА) - Повеќе од 130 агенции за помош и други невладини организации повикаа на затворање на контроверзната Хуманитарна фондација за Газа (ГХФ), која е поддржана од Израел и САД, објавува Би-Би-Си.

Според организациите, повеќе од 500 Палестинци се убиени додека се обидувале да дојдат до помош откако ГХФ започна со работа кон крајот на мај, по тримесечната израелска блокада на Газа. Речиси 4.000 луѓе се повредени.

Организации, вклучувајќи ги Оксфам, Спасете ги децата и Амнести Интернешнал, тврдат дека израелските сили и вооружените групи „рутински“ пукаат во Палестинците кои бараат хуманитарна помош.

Израел негира дека неговите војници намерно пукаат во цивилите кои примаат помош и го брани системот на ГХФ, велејќи дека тој обезбедува директна помош на луѓето во нужда, заобиколувајќи го вклучувањето на Хамас.

Во заедничка изјава објавена денеска од некои од водечките светски хуманитарни организации се вели дека фондацијата ги крши сите принципи на хуманитарно дејствување, вклучително и со принудување на два милиони луѓе да живеат во пренаселени и милитаризирани зони каде што се изложени на секојдневен оган.

Откако ГХФ започна со работа во Газа, речиси секојдневно има извештаи од медицински персонал, сведоци и Министерството за здравство управувано од Хамас дека израелските сили убиваат луѓе додека се обидуваат да соберат помош на овие точки.

Системот за дистрибуција на помош на ГХФ ги замени 400-те точки за дистрибуција што работеа за време на привременото примирје меѓу Израел и Хамас со само четири центри за дистрибуција на помош контролирани од војската, три на крајниот југозапад од Појасот Газа и еден во централниот дел. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан