• среда, 20 ноември 2024

Повеќе од 105.000 заразени со новиот коронавирус во светот, прв случај и на Малдиви

Повеќе од 105.000 заразени со новиот коронавирус во светот, прв случај и на Малдиви
Пекинг, 7 март 2020 (МИА) – Според последните податоци во светот со новиот коронавирус се заразени 105.625 луѓе, а Бугарија и Кипар се единствените земји – членки на ЕУ без регистрирани случаи. Од друга страна, првите два случаи на вирусот денеска се регистрирани и на Малдивите. Се работи за двајца вработени во туристичко одморалиште, а се претпоставува дека болеста им ја пренел турист од Италија, кој се вратил во неговата земја, каде тестовите покажале дека е позитивен на новиот коронавирус. Првиот случај на новиот коронавирус денеска е потврден и на Малта, а станува збор за 12-годишно девојче кое во вторникот се вратило од Италија. Бројот на новозаразени во Кина за еден ден е помал од 100 за првпат од 21 јануари, соопштија денеска кинеските власти. Националната здравствена комисија објави дека се регистрирани 99 нови инфекции, од кои 74 во покраината Хубеи. Во Италија, европското жариште на епидемијата, во последните 24 часа починале 36 луѓе со што вкупниот број на жртви досега изнесува 233, додека бројот на заразени лица се искачи на 5.883, соопштија вечерва локалните власти. јт/

Тагови

Остани поврзан