• среда, 27 ноември 2024

Поведена постапка за узурпација на просторот во близина на поликлиниката „Бит Пазар“

Поведена постапка за узурпација на просторот во близина на поликлиниката „Бит Пазар“

Скопје, 14 мај 2023 (МИА) - Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за две лица против кои е поведена постапка за кривично дело – Узурпација на недвижности согласно член 225 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопшти утрово Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, осомничените, на возраст од 45 и 42 години, на особено дрзок начин, со багер урнале дел од оградата на поликлиниката „Бит Пазар“ и почнале да го рамнат и тампонираат земјиштето во близина на здравствената установа кое не било во нивна сопственост, со намера да го претворат во паркинг, иако за тоа немале соодветна дозвола од општината.

-Надлежниот јавен обвинител предложи мерка притвор оценувајќи дека во конкретниот случај постои опасност осомничените да го повторат делото, бидејќи кривично-правните дејствија ги презеле преку исклучителен волунтаризам и самоволие, со нарушување на имотот на објект кој е во општа употреба. Двајцата манифестирале огромна упорност за реализирање на својот потфат и за само два часа успеале да ја урнат оградата и бетонските столбови со цел да овозможат пристап на градежна механизација на локацијата, започнале да носат камиони со тампон и истуриле огромно количество песок за да го тампонираат просторот. Во ноќни услови, на особено фреквентно место од градот, со своите ископувања стигнале до ѕидовите на болницата, при што го загрозиле пристапот до болницата и спроводот на пациентите во итни случаи, наведува ЈО.

Намерата на осомничените била во најкраток можен период за време на викендот да го заокружат криминалниот потфат со ставање сопствена рампа со која во иднина би го узурпирале просторот и би профитирале од наплата на паркинг без дозвола. Ова за обвинителството укажува дека тенденцијата на осомничените била и понатаму да се занимаваат со казниви дејствија што го оправдува стравот дека постои опасност тие да го повторат кривичното дело.

Според ЈО, судијата на претходна постапка ги разгледа околностите и за првоосомничениот, кој го узурпирал земјиштето определи мерка притвор во траење од осум дена, додека за вториот осомничен – управувач со багерот определени се мерки на претпазливост.​ мч/

фото: МИА архива

Остани поврзан