• недела, 22 декември 2024

Победа на конзервативците на изборите во Португалија

Победа на конзервативците на изборите во Португалија

Лисабон, 11 март 2024 (МИА) - Португалската централнодесничарска партија Демократски сојуз (АД) победи на парламентарните избори, изјави нејзиниот лидер Луис Монтенегро, иако не е јасно дали ќе може да формира мнозинство без поддршката на екстремно десничарската Чега, со која одби да преговараат.

АД и нејзините конзервативни сојузници од островот Мадеира вчера освоија 29,49 отсто на предвремените парламентарни избори или најмалку 79 од вкупно 230 места во парламентот.

Социјалистичката партија (ПС), која пред две години освои апсолутно мнозинство со 41,4 отсто од гласовите, сега е на второ место со 28,66 отсто од гласовите или 77 пратенички места.

Бројот на претставници на екстремната десница Чега е зголемен за четири пати и ќе има најмалку 48 места во парламентот.

По конечното пребројување на гласовите од странство ќе бидат доделени четири пратенички места.

Овој резултат не му дозволува на победникот да формира апсолутно мнозинство од најмалку 116 претставници, ниту во коалиција со малата либерална партија, која е на четврто место со пет отсто од гласовите, односно осум пратенички места.

Монтенегро, сепак, прогласи победа на парламентарните избори, изјавувајќи дека сака да владее со „релативно мнозинство“ во парламентот, повторувајќи го своето одбивање да ја води земјата со поддршка на екстремната десница.

-АД победи на изборите, рече рано утринава Монтенегро на собир на поддржувачи, додавајќи дека од клучно значење е партиите во новиот парламент да се однесуваат одговорно и „да ја почитуваат волјата на португалскиот народ“.

Главниот ривал Педро Нуно Сантос, го призна поразот откако неговата Социјалистичка партија (ПС), која е на власт од 2015 година, заврши на второто место со мала разлика. Тој ја отфрли можноста за поддршка на програмата на АД, која вклучува даночни намалувања.

Претседателот Марсело Ребело де Соуса допрва треба официјално да го покани лидерот на АД да формира влада.

Монтенегро изрази надеж дека ПС и Чега „нема да создадат негативен сојуз за да ја спречат владата што ја сакаат Португалците“. сд/

Остани поврзан