• недела, 22 декември 2024

Плеврис ја отфрла можноста за воведување нов карантин во Грција

Плеврис ја отфрла можноста за воведување нов карантин во Грција
Атина, 2 ноември 2021 (МИА) – Рестриктивни мерки, како што бевме навикнати, нема да воведеме, ќе следиме мерки што ќе бидат мерки на слобода за оние кои што се целосно вакцинирани, а од друга страна ќе има рестриктивни мерки во мешаните простори, односно просторите каде што има и невакцинирани, изјави министерот за здравство на Грција, Танос Плеврис. Тој во интервјуто за грчката телевизија „Мега“ ја отфрли можноста за нов целосен карантин во Грција, јави дописничката на МИА од Атина. Грција во изминатите денови се соочува со зголемен број новозаразени и хоспитализирани пациенти на Одделенијата за интензивна нега, вчера регистрираше негативен рекорд по бројот на дневни Ковид случаи, а Плеврис истакна дека како и во цела Европа, така и Грција веќе е во четвртиот бран од пандемијата. - Не сме во 2020 година каде што со ситуациите се соочувавме со локдаун и рестрикции во целата држава, нешто на што како општества не бевме навикнати. Во овој момент имаме средство, а тоа средство е вакцината. Јасно е дека и вакцинираните и го пренесуваме вирусот и се заразуваме и се разболуваме, но јасно е дека се разболуваме помалку и најважно, се разболуваме без да бидат потребни сериозни хоспитализации, без хоспитализација на интензивна нега, рече Плеврис. Поради ситуацијата со пандемијата во Грција, се очекува надлежната Комисија утре да одржи состанок за евентуални промени и адаптации на актуелните мерки, пред се за невакцинираните, нешто што вчера го истакна и портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому,  кој објасни дека постојат три клучни делови за справување со пандемијата во оваа фаза: вакцинацијата, зајакнување на здравствениот систем и неопходните прилагодувања, кои, во поголемиот дел главно ќе се однесуваат на невакцинираните. Во Грција целосно вакцинирани се 60,8 проценти од општото и 70,1 отсто од полнолетното население, а земјата се наоѓа на 16. место во ЕУ. Министерот за здравство во интервјуто за „Мега“ рече дека Грција „не е во посакуваниот европскиот просек и не е меѓу земјите што достигнале 80 отсто“. Надлежната Комисија за вакцинација денеска ќе одржи состанок за да донесе одлука за имунизација со трета доза на граѓаните под 50 годишна возраст, а генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција, Мариос Темистоклеус истакна дека доколку се даде зелено светло тогаш во следните денови ќе биде соопштено кога ќе се отвори платформата за закажување термин. Од петок, термин за дополнителна доза ќе можат да закажат сите оние кои пред најмалку два месеци се вакцинирале со Џонсон и Џонсон, што е вакцина со само една доза. ср/ми/

Остани поврзан