• петок, 05 декември 2025

Плеврис: Затворска казна од две до пет години за мигрантите кои нелегално ќе престојуваат во Грција

Плеврис: Затворска казна од две до пет години за мигрантите кои нелегално ќе престојуваат во Грција

Атина, 19 август 2025 (МИА) – Грција нема да стане земја на отворени граници, ниту земја каде што нелегалните мигранти ќе ги пречекуваме со цвеќиња. Нема да прифати да доаѓаат бродови, а Владата да не реагира, порача министерот за миграција и азил на Грција Танос Плеврис во интервјуто за грчката телевизија „Мега“ и нагласи дека со новиот закон што кон крајот на месецов ќе биде доставен во Парламентот, ќе се криминализира нелегалниот престој, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот објасни дека откако беше донесена одлуката да се суспендираат на три месеци поднесувањата на барања за азил од мигранти кои нелегално пристигнуваат во Грција од северна Африка, „мигрантските бранови впечатливо се намалени“.

- Во првата седмица од јули имавме 2.642 пристигнувања, што нè доведе до одлуката за тримесечно суспендирање на азилот. Потоа, во остаток од јули, беа регистрирани само 913 пристигнувања, додека во август гледаме уште поголемо намалување, со под 400 пристигнувања за три седмици. Ова покажува дека амандманот, дипломатските потези и јасната порака што ја испраќа Грција носат резултати: не се разгледуваат барањата за азил, новодојдените се во притвор и влегуваат во процедури за враќање, истакна Плеврис.

Во однос на новиот закон за миграција и азил што се очекува на крајот на август да се разгледа на надлежните комисии во Парламентот, а до почетокот на септември да се изгласа, објасни дека главната насока е „криминализација на нелегалниот престој“.

- Досега, секој на кого му било одбиено барањето за азил можеше едноставно да остане во земјата, без никаква санкција. Ова сега се менува. Одбиено ти е барањето за азил? Имаш кривично дело, со затворски казни од две до пет години. Единствената можност за ослободување од казна ќе биде соработката при доброволно враќање во земјата на потекло. На тој начин се создава силна дестимулација за оние што немаат вистински профил на бегалец, објасни министерот.

За враќањата на мигрантите во трети земји посочи дека сега има околу 7.000 – 10.000 враќања годишно, наспроти пристигнувањата што може да достигнат до 30.000 – 40.000.

Објасни дека досега по негативниот одговор на барањето на азил, со оглед на тоа што не постоеја никакви санкции мигрантите немале причина да си заминат од Грција, но со новиот закон ова ќе се смени, а целта на Владата е да се зголеми бројот на доброволните заминувања. ср/

Остани поврзан