Планови за одржлива урбана мобилност ќе добијат пет општини во државата
- Oпштините Кочани, Кавадарци, Струга, Прилеп и Струмица, почнуваат активности за изработка на планови за одржлива урбана мобилност што се реализираат во соработка со Министерството за транспорт, а со поддршка од Меѓународната банка за обнова и развој.
![Планови за одржлива урбана мобилност ќе добијат пет општини во државата](https://mia.mk/images/20250214143737_big_730x400_52.webp )
Кочани, 14 февруари 2025 (МИА) – Oпштините Кочани, Кавадарци, Струга, Прилеп и Струмица, почнуваат активности за изработка на планови за одржлива урбана мобилност што се реализираат во соработка со Министерството за транспорт, а со поддршка од Меѓународната банка за обнова и развој.
Активностите се во рамки на Проектот за поврзување на локалните патишта, а главната цел на проектот е да се подобри пристапноста, одржливиот начин на транспорт, безбедноста во сообраќајот во урбаните средини и да се унапреди квалитетот за живеење.
Првата јавна консултација со граѓаните и заинтересираните правни субјекти денеска се одржа во Кочани, а методологијата според која ќе се изработуваат плановите ја претставија стручни консултанти од компании од Италија и Турција.
-Нашата заедничка цел е да развиеме одржливи планови за урбана мобилност во секој од петте градови, за што ќе ги споделиме нашите искуства и знаењата во врска со тоа. На изработка на плановите ќе се ангажираме во текот на првата година, а потоа уште една година ќе работиме на дисеминација, јакнење на јавната свест и унапредување на условите во сообраќајот во урбаните средини. Истовремено, ќе ги објасниме современите трендови и политики за обезбедување одржливост во урбаната мобилност, истакна Тито Стефанели од компанијата „ТРТ транспорти е територио“ од Милано, Италија.
Изработката на плановите нема да биде само техничка работа, туку ќе ги вклучи сите чинители и заинтересирани страни, вклучувајќи ги и граѓаните, за да се добијат што подобри и посоодветни резултати во решавањето на проблемите во сообраќајот и урбаната мобилност. Планирани се јавни дебати, презентации и непосредни средби за да се обезбеди долгорочна одржливост на плановите што ќе се изработат. та/дма/
фото: МИА