• сабота, 21 декември 2024

Плажата и Гого вир кај Бохула 

Плажата и Гого вир кај Бохула 

Кавадарци, 29 септември 2024 (МИА) - Во големиот и длабок вир близу поткожувското село Бохула во минатото пливала половина девојка, половина риба. Оваа легенда се раскажувала со години од колено на колено меѓу локалното население. Во последно време, легендата доаѓаат да ја слушнаат и посетители од земјава и од странство, кои уживаат во атрактивноста на вирот и неговата убава природна околина. МИА деновиве беше дел од планинарска прошетка до местото во кое некогаш се разладувале мештаните. Учеле да пливаат и скокале во вирот што тогаш бил многу подлабок. Не знаеле за ниту една друга плажа, освен онаа на песокот и на карпите околу нивниот вир. 

Куќа прекриена со малини 

Гого вир е атракција, по него доаѓаат посетители во нашето село. Да го видат, да се фотографираат, да се разладат во неговите води. Со овие зборови добредојде ни посака Блаже Бда Мелов, искусен планинар, по потекло од ова село, човек што живее во Кавадарци, но секој слободен момент го користи за да дојде во семејната куќа во Бохула.

-Всушност во минатото тоа било место каде што луѓето се разладувале од ова и околните села, кога селата имале многу повеќе народ, сега местото е атракција за туристи, планинари, вљубеници во природата. Вирот се полни од селската река, крстена по селото, а се влева во Бошавица. Има и друга легенда, дека во вирот некогаш живеела ламја. Си бил некој овчар по име Гого. Секојдневно по некое животно од неговото стадо исчезнувале во вирот, за на крај и тој самиот да се удави. Така вели легендата, а по неа и вирот го добил името. Имаме прекрасни спомени од тој вир и од нашето детство. Со задоволство се сеќаваме на нив и на скоковите од карпите во водата, раскажува Мелов, кој освен нас, тој ден требаше да пречека и други најавени гости.

Нашата авантура до вирот ја започнавме околу осум часот. Водич ни беше искусниот планинар Благој Лазов Бенџо. Се движевме со новинарски чекор, не претрчување, туку со задолжително подзастанување, уживање во природата и нејзините звуци, фотографирање. Ги одмаравме очите гледајќи во зелената природа додека пешачевме. Дневната потреба од витамини ја надминавме јадејќи од извонредните малини, капини, сливи, трнки, дренки по патот. Цвеќиња, папрат, печурки на видик. Дрвени мовчиња за преминување на реката на неколку пати. Џиновски големи листови што можат да послужат како чадор во случај на дожд.

А Гого вир, располага и со мал водопад, од кој водата бучи. Ех, кога би можел да зборува. Колку ли животни тајни знае. Нема лежалки наоколу, секој од нас си избра камен по своја мерка. Просто не ти се станува, ако се испружиш на зелената мов, како мек килим таму во шумичката, што ти дава одмор на душата, мир и спокој. Во селото се вративме околу 11 часот. Ја фотографиравме и куќата на Мелов со македонското знаме, една стара убава куќа прекриена со зеленило и малини, некогашно училиште. 

Бохула како воздушна бања 

Мелов ни кажа дека бројот на постојани жители во селото е многу мал, но него редовно го посетуваат планинари, викендаши, рекреативци и љубители на селскиот туризам со интерес за недопрената природа. Во услови кога се повеќе се зборува за селскиот туризам, вели тој, странските, но и домашните туристи се импресионирани од убавините на селата каде природата е сеуште неизвалкана. 

- Има можеби над 105 куќи и редовно има интерес за изградба на нови викендички бидејќи селото ги има сите услови за живот, важи за воздушна бања, додаде тој. 

Притоа нагласи дека своевремено, во ова село имало и партизанска болница. 

- Старите селски куќи се градени претежно од клесан камен, дрво, плитар, во помал дел печена цигла и плет од прачки и малтер. Покривите на куќите се со стари керамиди. Во дворовите што во најголемиот дел биле оградени со дрвени колци или плет од прачки, се наоѓале помошните простории на домаќинството. Тоа биле амбарот во кој се чувало житото и житните производи, плевната, гумното, кошарата, фурната, кокошарникот, свињарникот, понекаде бунар. Дел од дворовите кои се со голема површина се користеле како градини и бавчи за одгледување на овошни и градинарски култури. Најголемиот дел од жителите на овие села се занимавале со сточарство, со земјоделство, со дрварство,  а оние во попланинските делови и со производство на ќумур, појаснува Мелов. 

Главниот концепт на куќите е конструкцијата од камени ѕидови, ѕидани со кал и зајакнати со дрвени либажни слоеви кои се видливи на фасадата.

- Сето ова укажува на повисок стандард на куќите за домување во овие села кои масовно се напуштани како последица на индустријализацијата во педесетите и шеесетите години од минатиот век. Поголемиот дел од селските куќи се со камени ѕидови до чатија со бондрук исполнет со тули од кал (плитари) на катот. Понекаде ако катот е од плет се обликувал со дрвени летви и малтер од кал појачан со кршен камен или животински влакна.      Кај побогатите селски чорбаџии карактеристични се фасадите на куќите кои се премачкани со варов малтер. Ќуќите кои се ѕидани со камен завршуваат со венец од камени плочи или бигор, додава тој. 

Селата мека за туристи

Ако до пред неколку години тиквешко немаше ниту Т од туризам, сега можеме да се пофалиме дека работите се придвижуваат и дека се зголемува бројот на туристи кои сакаат да дојдат не само поради убавото вино туку и поради еколошката средина во која се сместени нашите села кои се уште ја имаат задржано својата автентичност, вели за МИА, Виолета Јанкова, директор на Фондацијата „Тиквешки вински пат“. 

- Да се разбереме, руралноста во нашите селски средини е интересна не само за странските гости туку се повеќе и за македонските граѓани кои таму го бараат својот мир после напорната работа во градот. Во вкрстувањето на винските патишта, нашите села имаат своја улога зашто покрај доброто вино нудат селска идила, леб од фурна и други типични традиционални тиквешки производи, нагласува Јанкова.

И сосема за крај. Не е важно дали е правилно Бохула, или Боула, Боола, како што си го викаат тие што се родени овде или нивните наследници. Важно е дека селото нуди инспиративни места и приказни, што заслужуваат да бидат видени и чуени. 


Светлана Дарудова 


Фото : МИА 

Остани поврзан