• петок, 05 декември 2025

ПКК побара ослободување на лидерот Оџалан за потикнување на мировниот процес

ПКК побара ослободување на лидерот Оџалан за потикнување на мировниот процес

Истанбул, 10 јули 2025 (МИА) - Курдската работничка партија (ПКК) инсистира на ослободување на Абдула Оџалан, нејзиниот лидер кој е затворен од 1999 година, пред мировниот процес со Турција да може да напредува, соопшти денеска курдската агенција Фират (АНФ), јави ДПА.

ПКК, исто така, преку бирото на АНФ во Амстердам соопшти дека двете страни мора да го поттикнат процесот напред, притоа критикувајќи ја неактивноста на турската влада.

Оџалан се наоѓа во затвор на островот Имрали, во Мраморно Море, јужно од Истанбул, потсетува германската агенција.

ПКК, која е прогласена за терористичка организација од страна на Турција, Европската Унија и САД, во мај објави дека се самораспушта, како одговор на повикот од Оџалан упатен во февруари.

Прокурдската Партија за еднаквост и демократија на народите (ДЕМ), која е претставена во турскиот Парламент, објави дека ПКК од утре ќе започне со предавање на оружјето во северен Ирак.

Мала група борци треба да изврши симболично предавање на оружјето, се наведува во извештаите на локалните медиуми. Се смета дека ПКК има илјадници борци, управувани од нејзиното седиште во планините Кандил во северен Ирак.

Партијата ДЕМ, која посредува во контактите меѓу Анкара и ПКК, ги смета демократизацијата и правата на Курдите за клучни аспекти на траен мировен процес, пренесува ДПА.

Претходните обиди за ставање крај на долготрајниот конфликт беа неуспешни, а последниот беше во летото 2015 година.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан