Пицула: Големата излезност на изборите во Црна Гора значи големи очекувања од Парламентот
- Известувачот на Европскиот парламент за Црна Гора, Тонино Пицула, синоќа рече дека големата излезност на парламентарните избори значи големи очекувања на граѓаните од Парламентот и оти навист

Подгорица, 31 август 2020 (МИА) – Известувачот на Европскиот парламент за Црна Гора, Тонино Пицула, синоќа рече дека големата излезност на парламентарните избори значи големи очекувања на граѓаните од Парламентот и оти навистина има многу работа пред тој Парламент, бидејќи преговорите со Европската унија треба да продолжат.
- На прва топка, јасно е дека силната политичка поларизација мотивираше голем број граѓани да го искористат своето право на глас. Оваа поларизација најдобро се гледа во речиси изедначените резултати на двете водечки коалиции, но и во резултатите на некои нови политички опции, како и неуспеси на некои политички опции, изјави Пицула изјави за РТЦГ.
Тој оцени дека многу ќе зависи од постизборниот период и од процесот на формирање на нов парламент и нова влада и додаде дека поддршката на институцијата на ЕУ ќе зависи од остварување на квалитетот и ритамот на веќе преземените обврски.
- И од она што Црна Гора го постигна досега во преговарачкиот процес. Знаеме дека Црна Гора веќе направи многу и оти има признати резултати, рече Пицула.
Според него, ЕУ јасно ќе ја поддржи заложбата за продолжување на реформските процеси во Црна Гора, но и посветеноста кон политиката на регионална соработка и дека ЕУ очекува земјата да ја продолжи добрата работа што ја направи досега.
Како што потсети, добро е што Црна Гора ја прифати новата методологија за проширување.
- Верувам дека во периодот што следи, со сегашното германско претседателство, таа политика ќе добие нешто поцврста рамка. Но, секако Црна Гора мора да вложи сериозни напори за започнување и затворање на поглавјата, рече Пицула. јт/