• четврток, 26 март 2026

Писториус ги отфрли барањата за смена на раководството на СПД по изборниот дебакл

Писториус ги отфрли барањата за смена на раководството на СПД по изборниот дебакл

Берлин, 23 март 2026 (МИА) - Германскиот министер за одбрана Борис Писториус ги отфрли повиците за радикални промени во врвот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) по низата порази на локалните избори. Во изјава за агенцијата ДПА, дадена од Токио на почетокот на неговата азиска турнеја, Писториус нагласи дека нема амбиции за преземање на партиските функции во овој момент.

Иако ги оцени изборните резултати како „слаби и неочекувани“, Писториус застана во одбрана на партиската структура, потенцирајќи дека внатрешните дебати за кадри во моментов би биле неодговорни. Според него, Германија се соочува со големи внатрешни и меѓународни предизвици кои го бараат целосниот фокус на Владата, а не партиски превирања во рамките на СПД.

Бранувањата меѓу социјалдемократите започнаа по лошиот резултат во покраината Рајнланд-Пфалц. Пратеничката Дорис Шредер-Копф јавно предложи „целосна промена во раководството“, посочувајќи го токму Писториус како потенцијален наследник на Ларс Клингбајл на функцијата вицеканцелар.

Во моментов, со СПД сопретседаваат Клингбајл и министерката за труд Бербел Бас. Писториус, пак, смета дека фокусот треба да остане на работата на владејачката коалиција наместо на внатрепартиски кадровски решенија. ссм/ми/

фото: архива

Остани поврзан