• петок, 22 ноември 2024

Пингвини од Чиле и Аргентина, најнова атракција во Зоо Скопје

Пингвини од Чиле и Аргентина, најнова атракција во Зоо Скопје
Скопје, 17 јули 2021 (МИА) - Во Зоолошката градина во Скопје денеска официјално беше отворен „Заливот на пингвините“, со што прв пат Зоо Скопје е дом на овие егзотични птици, а тие се најголема атракција. Се работи за пингвини кои живеат во топли краишта и потекнуваат од Чиле и Аргентина. Моментално има девет пингвини, кои пристигнале од Италија во декември 2020 година, а сега пристигнале и други шест пингвини од Москва, со што е комплетирана групата пингвини во Зоо Скопје. Војо и Маја, кои се грижат за пингвините од нивното доаѓање во ЗОО, посочуваат дека 90 години и повеќе функционира Зоолошката градина, но досега немало пингвини и немале искуство од кое можеле да научат, но заеднички како тим добро се вклопиле за да може да ги адаптираат овие животни овде. Живеалиштетот, вели Војо, било прилично комплицирано затоа што од едната страна имало фламинга, а од другата страна пингвини, две тотално различни егзотични птици што треба да се адаптираат. - Зоолошката градина е една магија, илузија, што треба да ја создадеме за да можете да мотивирате повеќе емпатија на животните и природата, кај самата публика да ја создаде за да може да ги сакаат и почитуваат повеќе животните, изјави Војо. Нагласи дека пингвините бараат многу нега на стапалата, бараат свежа риба, што е комплицирана варијанта, како што рече, бидејќи неколку пати на ден треба да се одмрзнува и да се средува таа риба. - Живеат во Чиле и во Аргентина каде имаат често пати потреба од ветер и затоа направивме специјални вентилатори, што ќе ги палиме повремено за да можеме да ги разладиме пингвините. Но, прв пат имаме живеалиште кое филтрира вода и потоа истата ја употребува. Гледаме да го направиме најдоброто за животните, појасни Војо. Ѓорѓи Галетановски, директор на Зоо Скопје, по овој повод денеска меѓу другото посочи дека нивната мисија е да се подобри животот на сите животни, децата да ја имаат зоолошката градина за своја и ќе се продолжи со разубавување на живеалиштата се додека на влезат во Европската асоцијација. Според градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов со ова се дооформува целиот комплекс, што заедно со живеалиштата на фламингосите Фрадот Скопје и ЗОО ги чинело околу 18 милиони денари. Во изминатите три години, посочи Шилегов, во ЗОО се направени многу работи и го спомена Дино паркот во кој досега имало преку 60 илјади посетители, што покажува, подвлече, дека Градот е должен и понатаму да инвестира во вакви атрактивни содржини, што ќе ги привлекуваат посетителите, а истовремено ќе бидат и едукативни за најмладите. цр/дма/

Остани поврзан