• петок, 20 декември 2024

Пешевски: Писмената согласност за прекувремена работа е неуставна, ССМ ќе ја оспори пред Уставен

Пешевски: Писмената согласност за прекувремена работа е неуставна, ССМ ќе ја оспори пред Уставен

Скопје, 21 мај 2023 (МИА) - Каква било согласност или изјава од страна на работникот за прекувремена работа, поврзана со проектот за изградба на коридорите 8 и 10д е неуставна и затоа ќе биде успорена пред Уставниот суд, потенцираше претседателот на Синдикатот за градежништво Иван Пешевски.

Тој во интервјуто за Радио Слободна Европа вели дека Сојузот на синдикати ќе ја оспори писмената согласност со која градежните работници доброволно би прифатиле да работат повеќе од 40 часа неделно.

Како што појаснува, согласноста која ја кажува министерката за труд и социјална политика сама по себе е неуставна.

-Вие како работник не можете да се согласите да работите толку дури и ако сакате. Значи, нема цена што може вас да ве плати да работите по 72 часа неделно со било каква согласност сама по себе. Таа е неуставна и повторно ние ќе ги оспоруваме тие согласности, изјави или што и да потпишат работниците. Невозможно е повеќе од 50 часа неделно да се работи во секторот градежништво бидејќи она што го гледавме во минатото, тоа се повредени работници, паднати работници од скелиња, загинати на самите автопатишта, тоа се повторно ќе кажам работни места со висок степен на ризик каде што луѓето се изнемоштени и за осум часа, а не пак за прекувремени часови, потенцира Пешевски.

Инаку, според министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, работниците кои ќе работат на изградбата на автопатите ќе потпишуваат работни договори според кои, сами ќе одлучуваат дали ќе работат дополнителни часови кои ќе им бидат платени. 

Владата предложи пет закони поврзани со проектот да се донесат по скратена постапка, односно со европско знаменце, за како што велат, побрза и поевтина изградба на автопатите. Се работи за Законот за работни односи, Законите за градба, за урбанистичко планирање, за експропријација и специјалниот закон за автопатиштата што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка.

Претходно, опозицијата ги блокираше измените на осумте закони поврзани со проектот за автопатите. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци. бт/нд/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан