Пет месеци по трагедијата во „Пулс“ – панел дискусија и концерт вечерва во Кочани
- Здружението за рурален развој Локална акциона група Брегалница – ЛАГ БРЕГАЛНИЦА, се вклучува во програмата за млади „Лето во друштво“ што во Кочани започна да се реализира од средината на овој месец.
Кочани, 16 август 2025 (МИА) - Здружението за рурален развој Локална акциона група Брегалница – ЛАГ БРЕГАЛНИЦА, се вклучува во програмата за млади „Лето во друштво“ што во Кочани започна да се реализира од средината на овој месец.
Ова здружение за вечерва со почеток во 20 часот на Споменикот на слободата закажа панел дискусија за утврдување приоритети за подобрен квалитет на животот за граѓаните во Кочани. Симболично да ги обележиме петте месеци од трагедијата во „Пулс“, се наведува во повикот на ЛАГ Брегалница упатен до граѓаните.
Вечерта ќе заврши со музички настап на бендот „Без Памет“, составен од Биле Митевска (гитара), Ања Цесар (вокал), Драган Петров (бас) и Славе Јорданов (тапани).
-Дојдете да се дружиме и заеднички да ја планираме нашата иднина, велат луѓето од ЛАГ Брегалница, здружение на субјекти од граѓанскиот, јавниот и бизнис секторот, кои делуваат на територија на општините: Чешиново-Облешево, Кочани, Зрновци, Виница, Македонска Каменица и Пробиштип.
Програмата „Лето во друштво“ со предвидените активности ќе трае до 23 август. Организирана е од Центарот за психосоцијална и кризна акција Малинска, а домаќини се Локалниот младински совет и Општина Кочани. ис/дма/
Фото:Плакат