• недела, 22 декември 2024

Петти „Денови на македонска култура“ во Шибеник и Зларин

Петти „Денови на македонска култура“ во Шибеник и Зларин

Скопје, 2 септември 2024 (МИА) - Од среда до сабота во Шибеник ќе се одржи манифестацијата „Денови на македонска култура“. Манифестацијата, што се одржува по петти пат, ќе има свечено отворање вечерта на 4 септември во Музејот на Шибеник, а организатор е невладиното здружение „Хрватско-македонска тангента“.

- Посетителите ќе имаат можност да се нурнат во различноста на македонската култура преку низа настани, трибини, предавања и изложби. Следниот ден, четврток, 5 септември, програмата продолжува во 10 часот во градската библиотека „Јурај Шижгориќ“, Шибеник, каде ќе се одржи трибината „Трендови во современата култура и уметност“ како дел од културниот настан „Трага од пишани зборови“, а учесници се од Македонија - проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска, проф. д-р Владимир Мартиновски и Томислав Османли, писател, од Словенија - проф. д-р Намита Субиото, како и поети од Хрватска, се наведува во соопштението.

На 5 септември на островот Зларин ќе се одржи меѓународна книжевна средба „Од остров на копно, до остров на море“, на која ќе учествуваат поети, писатели, публицисти и новинари. Станува збор за настан што во континуитет се одржува од 2014 година.

Според најавата, ќе биде промовирана и книгата „Градоначалникот на Хипнополис“ од проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска и проф. д-р Владимир Мартиновски од Филолошкиот факултет во Скопје. Дел од овој настан е посветен на островот Зларин и познатите Весна Парун и Младен Бјажиќ.

Во петок во градската библиотека „Јурај Шижгориќ“ за првпат ќе биде промовиран романот „Заборав“, најнова книга на Томислав Османли.

- Во 19:45 часот, креативната сцена ќе ја збогати настапот на сестраниот уметник и писател Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје со изложба „Музички слики“ и неговиот музички перформанс. Мартиновски се занимава со литература, музика и ликовна уметност, пишува во соопштението.

Деновите на македонската култура се одржуваат по повод 8 септември - Денот на македонската државност.

Покровители се Советот за национални малцинства на Република Хрватска и градоначалникот на градот Шибеник, Жељко Буриќ, а настанот се реализира со поддршка на туристичките заедници на Шибеник, Шибеничко-книнската жупанија и Зларин, во соработка со Музејот на град Шибеник и градската библиотека „Јурај Шижгориќ“. бд/бак/

 

Остани поврзан