• сабота, 28 декември 2024

Петр Павел: Трамп би можел да се договори со Путин, тоа не е во интерес на Европа

Петр Павел: Трамп би можел да се договори со Путин, тоа не е во интерес на Европа

Прага, 9 ноември 2024 (МИА) – Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп би можел да се обиде да преговара со рускиот претседател Владимир Путин за ставање крај на војната против Украина, но таквиот договор веројатно нема да биде во најдобар интерес на Европа или Украина, изјави чешкиот претседател Петр Павел.

- Таков договор најверојатно нема да биде во наш (европски) интерес, ниту во интерес на Украина. Затоа што на Русија едноставно и дава дел од окупираните територии, со порака до Украина дека нема да стане членка на НАТО најмалку 20 години, рече Павел на отворањето на самитот во Прага за одбран, пренесува порталот РБК Украина.

Тој додаде дека западната поддршка за Украина не била доволно брза, што им овозможило на руските сили да напредуваат.

Според него, западните испораки на воена опрема и финансиска помош биле недоволни за да се обезбеди победа на Украина. Тој додаде дека ситуацијата на фронтот е дојдена до „некаков вид ќорсокак“, но дека сега „се повеќе се врти во корист на Русија“.

- И во оваа ситуација тешко е да се мотивира која било страна да преговара, рече Павел.

Тој додаде дека секој мировен договор, дури и ако води до привремени отстапки на некои територии под руска контрола пред да се постигне дипломатско решение во иднина, треба да се преговара со повеќе страни, вклучувајќи ги Кина, Индија и Европа.

На почетокот на септември Доналд Трамп тврдеше дека доколку победи на изборите ќе ги повика украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин, а договор ќе биде постигнат во рок од 24 часа.

Покрај тоа, истиот месец Трамп се сретна со Зеленски, а украинскиот претседател му го претстави својот план за победа.

По тие разговори, Трамп рече дека сака „фер договор за сите“, потсетува украинскиот портал. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан