Петровска: Северна Македонија е активен и посветен НАТО сојузник што придонесува кон колективната и регионалната безбедност
- Министерката за одбрана Славјанка Петровска утрово се сретна со помошникот генерален секретар на НАТО за политички работи и безбедносна политика Хавиер Коломина, со кого разговараше за придонесот на Северна Македонија како посветен и активен сојузник во Алијансата кон колективната безбедност на НАТО и кон стабилноста на регионот.
Скопје, 8 ноември 2023 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска утрово се сретна со помошникот генерален секретар на НАТО за политички работи и безбедносна политика Хавиер Коломина, со кого разговараше за придонесот на Северна Македонија како посветен и активен сојузник во Алијансата кон колективната безбедност на НАТО и кон стабилноста на регионот.
Како што информира Министерството за одбрана, на средбата во ресорното министерство Петровска истакна дека Северна Македонија во целост ги спроведува прифатените обврски од НАТО пакетот на цели на способности, со особен акцент на модернизацијата на Армијата и унапредувањето на условите и развојот на човечките капацитети во Министерството и Армијата.
- Инвестирањето во македонската одбрана во 2024 година ќе достигне 2 отсто од бруто - домашниот производ, а од средствата наменети за одбрана една третина ќе бидат насочени кон модернизација, што е гаранција дека процесот на опремување на Армијата ќе продолжи да се реализира со несмалено темпо. Посветени сме на модернизацијата како одговорна членка на НАТО но подеднакво и заради националната безбедност, рече министерката Петровска.
Таа го информираше Коломина за помошта која досега во 10 наврати Северна Македонија ја донираше на Украина и нагласи дека во согласност со проценките на Генералштабот таа помош и понатаму ќе продолжи.
Во контекст на регионалната безбедност, министерката Петровска истакна дека Северна Македонија го зголемува учеството во Мисијата КФОР на Косово. Таа потенцираше дека дијалогот меѓу Белград и Приштина треба да продолжи и дека и двете страни треба да ги реализираат преземените обврски.
- Интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ е безбедносно прашање и најдобар одговор на обидите за влијанија од трети страни во регионот, рече Петровска.
Во соочувањето со проблемот на хибридни закани и лажни вести, Петровска ја истакна 100-процентната активна транспарентност на Министерството за одбрана како најдобар начин за превенција и справување со овој предизвик.
Помошникот генерален секретар на НАТО Коломина се заблагодари за активното учество на Северна Македонија во НАТО и видливиот придонес кон зацврстувањето на регионалната и колективната безбедност. Тој го поздрави придонесот на Северна Македонија во мултинационалните сили на НАТО во Бугарија и Романија, учеството во мисијата на НАТО на Косово, помошта за Украина во одбрана на нејзиниот територијален интегритет и стабилното инвестирање во развојот и модернизацијата на одбраната. мд/дма/
Фото: Министерство за одбрана