• среда, 25 декември 2024

Петровска: Продолжуваме со поддршката за Украина, во Северна Македонија реализирана првата обука на украински војници

Петровска: Продолжуваме со поддршката за Украина, во Северна Македонија реализирана првата обука на украински војници

Скопје, 21 ноември 2023 (МИА) - Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, вечерва во Тема на денот, во Дневникот на Македонската телевизија, информираше дека е реализирана обука на украински војници во Северна Македонија, со што, како што рече, се потврдува нашата заложба за континуирана поддршка кон правото на Украина да се одбрани од руската агресија.

-Се понудивме и веќе ја реализиравме првата обука, првиот тренинг на украински војници кои успешно ја завршија обуката во Република Северна Македонија во објекти, во локации кои се сопственост на Армијата на Република Северна Македонија за што беше донесена соодветна одлука на Владата на Северна Македонија, а која од безбедносни причини ја соопштуваме откако таа заврши, истакна министерката Петровска. 

Како што соопшти Министерството за одбрана, таа додаде дека ваквиот вид на поддршка и преку тренинзи и преку обуки кои се димензионирани согласно побарувањата на украинската страна ќе продолжи и во текот на 2024 година и сè додека за тоа има потреба.

-Северна Македонија се вбројува во првите пет држави од членките на Алијансата кои најмногу помош пружиле на украинската војска во отпорот и во борбата кои тие секојдневно ја имаат повеќе од една година, рече Петровска и порача дека нема да отстапиме од таквата заложба. 

Од министерството информираат дека земјава досега во десет наврати донираше воена и хуманитарна опрема за одбрана на Украина од руската агресија. сх/нд/

Фото: МО

Остани поврзан