• понеделник, 23 декември 2024

Петар Мирчевски - добитник на наградата за животно дело „4 Ноември“

Петар Мирчевски - добитник на наградата за животно дело „4 Ноември“
Битола, 14 ноември 2021 (МИА) - Горд сум што можев на својот мајчин македонски јазик, насекаде во светот да го промовирам мојот матичен театар, вели битолскиот актер Петар Мирчевски добитник на награда за животно дело „4 Ноември“. Актерската приказна на Петар Мирчевски-Пепи почнува во 1979 година кога како гимназијалец се зачленува во драмската секција на гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола, а корените, никнуваат истата година на младинската сцена во битолскиот театар. Неговата успешна кариера во театарот и филмот, неодамна беше наградена со највиското признание на Општина Битола, наградата за животно дело „4 Ноември“. - Горд сум што можев на својот мајчин македонски јазик,насекадево светот да го промовирам мојот матичен театар, мојот град Битола и мојата земја Македонија, истакна актерот на Народниот театар-Битола, Петар Мирчевски по добивањето на наградата за животно дело „4 Ноември“. Највиското признание на доајенот на македонското глумиште Петар Мирчевски му беше доделено за неговиот придонес во создавањето на заштитниот квалитативен знак на битолскиот театар, за креирањето на репертоарската политика, за создавање на нови млади актерски кадри... - Благодарам на публиката која секогаш ме поддржува и мотивира. Ви се поклонувам. Чест ми е што го добивам ова високо признание за животно дело. Благодарам на моето семејство од кое секогаш имам голема поддршка, но и на мојот театар, на мојот град Битола и на моите битолчани. Посебна благодарност до битолската публика која ме следеше сите овие 42 години низ моите театарски, телевизиски и филмски остварувања. Секогаш ме бодреше, поддржуваше и мотивираше да истраам во тоа што го работам, посочи Мирчевски бурно поздравен со долготраен аплауз награден во новиот Офицерски дом во Битола. Богата кариера, главни улоги и театарски претстави што долго се паметат Петар Мирчевски-Пепи на штиците што живот значат одиграл над 160 премиерни претстави. Мирчевски е првиот македонски Сирано во „Сирано де Бержерак“ за што во 1991 година од тогашен „Екран“ ја добива наградата актер на годината, тој е Санчо Панса во Булгаковата пиеса „Дон Кихот“, а неговиот професионален артизам со посебна филозофија, со умешноста за создавање на живи и духовити карактери добија свое целосно заокружување, свој индивидуален печат во делата на Шекспир, „Хамлет“ и „Ноќ спроти Водици“ каде ги толкува ликовите на Полониј и Малволио, а насловна улога игра и во претставата „Розенкранц и Гилдерстон се мртви“ од Том Стопард во режија на Никита Миливојевиќ. Пепи во 2013 година настапува токму во разрушениот Офицерски дом во Битола, во запуштената сала која од неодамна повторно блеска со својот сјај и во која Мирчевски ја доби наградата на градот Битола за животно дело. Амблемски ролји на овој актер се евидентирани и на сцените на други театри во земјава, а најчест гостин е на сцената на Народиот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Неговата несомнена висока репутација на еден од водечките актери и вонсериски таленти кај нас дојдоа како резултат на импозантниот број успешни актерски дострели. Затоа Петар Мирчевски-Пепи е баран соработник, затоа Пепи е стожер во крупни театарски проекти, и затоа улогите во претставите се незаборавни, како на пример ликот на Агамемнон во „Геноцид“, претстава која во 2015 година ја режираше Љубиша Ѓоргиевски. - Моето темпо и во моментов не е намалено. За два дена почнувам со подготовките за учество во претставата „Патувачки театар Шопаловиќ“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски, во најава е една серија и други уметнички проекти. Тоа доаѓа по една пауза предизвикана од актуелната пандемија од која и ние не бевме имуни на ова што околу нас се случува. Минатата година бевме принудени да работиме камерни претстави но никогаш не застанавме, а потврда за тоа е што битолскиот театар работеше ангажирано и верувам дека повторно ќе се врати времето на т.н. ансамбл претстави, вели Мирчевски. Петар Мирчевски на филмското платно Петар Мирчевски, актерот од Битолскиот театар е чест гостин на малите екрани и на филмското платно. Почетоците се поврзани со телевизиските серии „Патот кон иднината“ и „Наши години“, а неговото прво учество во филм е во 1985 година кога настапува во македонскиот телевизиски филм „Трговецот од Солун“ режиран од Душко Наумовски. Од тогаш, до денес бројни се улогите на филмското платно, најбаран е од режисерот Милчо Манчевски кој го нарекува „македонскиот Роберт Де Ниро“ кој му доверува улоги во филмовите „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“ и „Врба“, три улоги добива во филмовите на режисерот Дејан Јаќимовиќ, на покана на Емир Костурица настапува во филмот „На млечниот пат“ каде е во друштво со акерката Моника Белучи, но Пепи настапува и во три филма на Теона Митевска, а незаборавни се епизодите во турската серија „Збогум Румелија“. Во последниов период Мирчевски настапи во три филмски проекти, и тоа играниот филм „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов, „Мими“ во режија на Даријан Пејовски и филмот „Кајмак“ каде повторно соработува со режисерот Милчо Манчевски. Но, тој со подеднакво задоволство скоро една деценија ја врши и функцијата селектор на Интернационалниот фестивал на Монодрама во Битола. - Да се биде селектор на Интернационалниот фестивал на монодрама е една од вистинските, убавите задачи што ми ги донесе мојата професија. Овој фестивал е толку многу посебен, толку многу надвор од рамките на програмските насоки на било кој друг театарски фестивал, толку многу отпорен на општествените промени или уметнички парадигми. Фестивалот на монодрамата во Битола има светски контекст, носи уметнички и културален сензибилитет кој јас како селектор успевам да го артикулирам преку новодефинираните театарски тенденции, посочув Мирчевски. Награди за животно дело, фестивалски признанија и други одличја Актерот Петар Мирчевски освен од Општина Битола, награди за животно дело доби од Здружението на драмски уметници „Петре Прлчико“ од Велес кое му ја додели истоимената награда, а во 2019 година награда за животно дело „11 Октомври“ му додели и Собранието на Северна Македонија. Мирчевски е добитник на наградата „Златна маска“ на фестивалот „Охридско лето“, како и други фестивалски награди и признанија во државата и странство. За наградата што неодамна ја доби во Битола возврати со засадување дрвце во Алејата на наградените битолчани за животно дело што се наоѓа во Градскиот парк во Битола. – Чест ми е што и моето име ќе се наоѓа во Алејата на добитниците на наградата за животно дело „4 Ноември“ и дрвцето што го засадив сакам да расте, да се развива и раззеленува. Тоа го посакувам и за нашиот град Битола! Марјан Танушевски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан