Песков: Русија прави се за да ги намали последиците од „меѓународната економска бура“
- Секако дека внимателно ја следиме ситуацијата. Пазарот е исклучително нестабилен, тензичен и емотивно набиен. Сето тоа е директно поврзано со американската одлука за воведување царини кон голем број земји, посочи Песков

Москва, 7 април 2025 (МИА) – Русија и покрај тоа што не е опфатена со американските царини ги чувствува последиците поради падот на цената на нафтата, што претставува сериозен проблем за руската економија.
- Секако дека внимателно ја следиме ситуацијата. Пазарот е исклучително нестабилен, тензичен и емотивно набиен. Сето тоа е директно поврзано со американската одлука за воведување царини кон голем број земји, посочи Песков.
Тој додаде дека власта „прави и ќе прави се за да ги намали последиците од „меѓународната економска бура“.
„Независимаја газета“ денеска објави дека „падот на енергенсите ќе биде многу болен за Русија“.
- Веќе во пролетта 2025 година, руската економија беше на работ на стагнација и рецесија. Сега, глобалната трговска криза и падот на побарувачката од Кина може дополнително да ја влошат ситуацијата, истакнува рускиот весник.
Неколку држави не се на списокот на царини, меѓу кои и Русија и Северна Кореја, кои со години се под американски санкции, со што е оневозможена значителна трговија.
Поради инвазијата врз Украина, Русија е под санкции кои влијаат на финансискиот сектор, енергетиката и воената индустрија. Во 2021 година трговската размена помеѓу САД и Русија изнесуваше 36 милијарди долари во 2021 година, а во 2024 година беше само 3,5 милијарди долари, поради што е беспредметно воведувањето на дополнителни царини.
Додека Северна Кореја е уште поизолирана – американските и меѓународните санкции речиси целосно ја забрануваат трговијата, освен во хуманитарни случаи. ми/
фото: МИА архива