• понеделник, 19 август 2024

Перински: Новата Противпожарна станица за Врапчиште и Боговиње ќе гарантира безбедност на месното население

Перински: Новата Противпожарна станица за Врапчиште и Боговиње ќе гарантира безбедност на месното население

Гостивар, 19 август 2024 (МИА) – Министерот за локална самоуправа Златко Перински, денеса беше во работна посета на општина Врапчиште и се запозна со досегашната реализација на проектот за „Прекугранична заштита од пожари – Fireshield“, финансиран од ЕУ програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија, чии носители се двете македонски општини, албанската Општина Черик и НВО Каритас југ од Албанија.

Министерот Перински го разгледа и новоизградениот објект наменет за Територијалната противпожарна станица за општините Врапчиште и Боговиње за кој посочи дека е еден од неколкуте проекти коишто се во завршна фаза, а во чија реализација Министерството има партнерски удел. Освен досегашната реализација на проектот, Перински со домаќините низ разговор ги разгледаа можностите за евентуална помош во актуелното справување со пожарите ширум земјава.

- Сега, кога на повеќе локации во земјава демнеат пламени јазици, несомнено е дека проектот суштински ќе делува за заштита на регионот во секој поглед. Истовремено, овие противпожарни капацитети веќе би можеле да ги ставиме во функција за гаснење на пожарите каде има потреба од логистичка поддршка, рече Перински.

Тој напомена дека со овој проект се гарантира безбедноста на преку 65.000 месно население, на нивните имоти, како и на 8.000 хектари планински терен и шумски појас во прекуграничниот регион.

Според министерот Перински освен за примарната намена за Територијалната противпожарна станица за општините Врапчиште и Боговиње, проектот е од големо значење и за Националниот парк Шар Планина, кој граничи со двете општини.

Вредноста на целиот проект е речиси 860.000 евра. Општините Врапчиште и Боговиње партиципираат со 545.000 евра, Министерството го помага проектот со 81.750 евра, а останатите средства се обезбедени преку ЕУ Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија. Предвидено е проектот да биде финализиран на крајот на месец ноември.згм/са/

Фото: Министерство за лок самоуправа

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан