• петок, 22 ноември 2024

Пенов: Приоритет на Владата е преговорите со ЕУ да продолжат со отворање на поглавјата и да обезбедиме континуитет во реформите

Пенов: Приоритет на Владата е преговорите со ЕУ да продолжат со отворање на поглавјата и да обезбедиме континуитет во реформите

Скопје, 7 ноември 2023 (МИА) - Највисок приоритет на Владата е преговорите со Европската Унија да продолжат со отворање на поглавјата и да обезбедиме континуитет во реформите, истакна денеска министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, на состанокот на заедничкиот консултативен комитет меѓу Северна Македонија и Европската Унија, во рамките на Комитетот на региони на ЕУ.

Според Пенов, резултатите и предизвиците беа претставени и на скринингот на Европската Унија за напредокот на државата, што е во завршна фаза.

- Во реализацијата на проектите за развој на општините, значајна е поддршката од Европската Унија, преку експертиза, но и со конкретна финансиска поддршка, а локалните власти од земјите членки на Унијата, најдобро ги разбираат нашите напори за унапредување на системот на локалната самоуправа и интегрирање на стандардите на ЕУ за рамномерен и одржлив социо-економски развој, подвлече министерот.

Пенов смета дека во време на огромни глобални предизвици, нашите стабилни партнерства како членка на НАТО и сериозен кандидат за членство во Европската Унија се најголемата гаранција за мир, стабилност и развој.

- Во претстојниот процес на интегрирање во Европската Унија, улогата на локалните власти станува сѐ поголема. Во услови на децентрализиран систем на управување на локално ниво ќе се имплементираат голем број на закони, што ќе инсистираат на повисоки стандарди на услуги, како на пример во областа на животната средина, во управувањето со отпадот. Општините ќе треба да покажат и поголема капацитетност во апсорпцијата на ИПА средствата од Европската Унија, додаде Пенов.

Министерот ја истакна поддршката на општините преку буџетските развојни програми, преку кои на годишно ниво се финансираат проекти за подобрување на комуналната, патната и социјалната инфраструктура.

Беше кажано дека притисокот од локалните власти за поголемо зафаќање од финансискиот колач, е, постојан и разбирлив. Важно е, како што беше посочено, да има континуиран и аргументиран дијалог, преку што ќе се унапредуваат процесите, но и поголема свесност и одржливост за она што досега го имаме направено, во што се вложени многу човечки и финансиски ресурси, наши, сопствени, но и од Европската Унија. бд/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан