• петок, 22 ноември 2024

Пенов: Младите ќе го продолжат патот што го градиме со нашите партнери и пријатели од Европската Унија 

Пенов: Младите ќе го продолжат патот што го градиме со нашите партнери и пријатели од Европската Унија 

Скопје, 23 ноември 2023 (МИА) – Она што сега го правиме со нашите сограѓани, со нашите соседи од Грција, со нашите партнери и пријатели од Европската Унија ќе го продолжите вие, младите, порача министерот за локална самоуправа Ристо Пенов по повод денот на Европска соработка во општината Центар.

-Реализираме проекти со кои што се подобруваат условите во детските градинки, во училиштата, проекти за заштита на животната средина, за подобрување на здравствената заштита, за отворање на нови можности за едукација и вработување на младите. Програмите за територијална соработка што ги спроведуваме со поддршка на Европската Унија, се важни за сите нас, вклучувајќи ги и најмладите. Градиме вредности кои што се темел на нашата заедничка европска иднина. Затоа е важно  и добро е, што денеска со нас ги имаме и најмладите. Тие се новите генерации за кои што вреди да се работи и да се создава амбиент во кој што ќе можат да се реализираат и да бидат задоволни од постигнатите резултати, додаде тој.

Пенов појасни дека во рамките на деновите на европска соработка, посебен акцент е ставен на одбележувањето на Европската година на вештини.

- Во ова време на брзи промени, особено во областа на технологијата, многу е важно да создаваме услови младите луѓе да се стекнуваат со нови вештини, што ќе им помогне да бидат поконкурентни на пазарот на труд. Во овој процес исто така ја имаме поддршката од Европската Унија и преку отворањето на можноста студенти да волонтираат во имплементацијата на проектите за територијална соработка.
Ова е добар начин да ги градиме нашите капацитети, но и голем мотив за младите луѓе можноста за себе реализација да ја препознаат овде, во државата, појасни Пенов.

Настанот е организиран во рамките на одбележувањето на Денот на европската соработка со учество на ученици од основно образование, наставници и партнерите од Грција со кои заедно се спроведуваат ИПА програмите за територијална соработка. свс/дма/

Фото: Министерство за локална самоуправа

Остани поврзан