• понеделник, 23 декември 2024

Пендаровски: Партизацијата во институциите е на недозволено високо ниво

Пендаровски: Партизацијата во институциите е на недозволено високо ниво
Скопје, 21 февруари 2020 (МИА) - Бев записничар кај двајца претседатели и немаше Влада што не се согласи со каква било додавка за името, но историјата ќе каже чија е одговорноста, вели претседателот на државата Стево Пендаровски за Преспанскиот договор со кој беше сменето уставното име на нашата држава.  - Не постоеше никакво расположение кај која било политичка постава, се додека не се појавија Заев и Ципрас, да се менува името, рече Пендаровски. Клучната одредба која денес ја има во Преспанскиот договор, а е многу важна за нашиот идентитет, нагласува во „Само интервју“ на телевизијата Канал 5 Пендаровски, е што постои македонски јазик внатре, МКД, МК, македонски...  Прашан дали е можна ревизија на Преспанскиот договор, Пендаровски смета дека е можно, но не е реално. - Објективно во секоја идна Влада, како и досега, имате значаен албански партнер, на кои да не се лажеме, името Македонија, идентитетот и јазикот македонски, не им значи бидејќи тие не се Македонци и тие би сакале да бидат во обединета Европа. За нив тоа е примарна политичка цел, појасни Пендаровски. За примената на Преспанскиот договор, шефот на државата порача дека ние треба да бидеме многу понастојчиви и политички, не само правно, за трговската ознака, за што е формиран тим од експерти од двете страни, кој треба во рок од три години да донесе решение за ознаките за се што се извезува од нашите две држави во светот. - Се додека тоа не се направи, вие не можете да го присвојувате тоа име, истакна претседателот Пендаровски. Прашан дали во сите прилики го користи името Северна Македонија, Пендаровски истакна дека го користи во официјални прилики.  Според него, референдумите во историјата на Балканот, никогаш не се покажале како корисна алатка, а во светот, во Швајцарија се користат, како демократска алатка. Околу Изборните единици, Пендаровски вели дека има отстапувања во сите шест изборни единици, но колкаво е тоа не се знае. За партиската поделба во нашата држава, претседателот Пендаровски нагласи дека поделбите се неспорно големи, дури се подлабоки од кога било, пред се од партиски причини. - Партизацијата во институциите е на недозволено висооко ниво за една држава која претендира да биде членка на ЕУ, изјави меѓу другото шефот на државата. Решавањето на прашањето за Косово, подвлекува Пендаровски, не може да нема влијание и на Македонија и на БиХ. - Ставот на државниот врв, не само мојот досега бил и мора да остане понатаму, дека не сме за промена на границите било каде во регионот. Ако мислат светските фактори дека тоа е единствено решение, тогаш мора да добиеме некаква меѓународна гаранција дека други граници во регионот, вклучително и нашите нема да се менуваат, дециден е Пендаровски. Прашан дали размислува да се кандидира повторно, Пендаровски вели дека до 2024 година има многу време за да размислува. цр/ев/

Остани поврзан