• четврток, 19 декември 2024

Пендаровски: Јас сум за уставни промени, но не гледам дека има простор за договор

Пендаровски: Јас сум за уставни промени, но не гледам дека има простор за договор

Скопје, 11 април 2023 (МИА) – Претседателот на државата Стево Пендаровски не е оптимист  за договор меѓу политичките партии околу уставните измени за кои од денеска е формирана работна група во која не учествуваат претставници на опозициските партии.

-Ако кажам дека сум песимист, а сум, бидејќи тоа една година го зборувам во континуитет, пак некој ќе ми замери од Владата и ќе рече дека треба да правам атмосфера во која ќе напредуваме. Многу внимателно ги слушам сите политичари во Македонија што зборуваат јавно на таа тема. Кој е тој што ќе рече дека тука има некаков простор во кој можеме да се договориме. Јас не го гледам тој простор. Јас сум за уставни промени, не утре, туку денес, но како со сила да ги натераме тие луѓе да гласаат? рече Пендаровски.

Во интервју во Дневникот на ТВ Сител, Пендаровски оцени дека опозициските партии, пред сѐ ВМРО-ДПМНЕ, „тераат партиска политика, а не државна политика“.

-Сакаат да дојдат прво на власт, па потоа да размислуваат за две третини. Од аспект на таа политичка партија тоа е легитимно, но од аспект на државата Македонија, тоа е лошо, рече Пендаровски.

Прашан зошто не свика лидерска средба под негово покровителство, шефот на државата одговори дека нема согласност од сите страни учеснички.

-Опозицијата вели немаме намера да учествуваме за тоа Бугарите да ги ставиме во Уставот. А другата страна, Владата, вели немаме намера да одиме на лидерска средба ако зборуваме за комплетно прифаќање на хрватскиот модел, кој ние го надминавме и на уставно-правно ниво со 2001 и Охридскиот рамковен договор, рече Пендаровски.

Додаде дека не гледа проблем ако кон постојните шест делови од народи, покрај македонскиот народ, во Уставот се стават и делови од бугарскиот, црногорскиот, хрватскиот итн.

-Ние зборуваме дека ако има повеќе набројани народи или делови од народи не се растура државата, не е опасност дека таа ќе оди во дисолуција, рече Пендаровски.

На прашањето за трошоците за состаноците на членовите во  работната група за уставни измени, иако е неизвесно дали ќе има резултат од нејзината работа, тој соопшти дека му сугерирал на претставникот од неговиот Кабинет во групата да учествува про боно. хс/бак/

Остани поврзан