• петок, 22 ноември 2024

Пендаровски се обрати на одбележувањето на 65-годишнината од постоењето на ЈЗУ ,,13 Ноември “ - Скопје

Пендаровски се обрати на одбележувањето на 65-годишнината од постоењето на ЈЗУ ,,13 Ноември “ - Скопје

Скопје, 13 ноември 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски заедно со сопругата Елизабета Ѓоргиевска присуствуваа на одбележувањето на 65-годишнината од постоењето на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември “- Скопје.

-Јадрото на болницата сте вие, докторите, медицинските сестри и техничари, негуватели, лаборанти, физиотерапевти, социјални работници и другите вработени посветени на својата работа, кои имате јасна слика за вашата улога во животот на пациентите. Со вашиот професионализам и пожртвуваност, вие сте чувари на добробитта на пациентите и нивните семејства, а со тоа и на репутацијата на оваа здравствена установа градена со години, нагласил претседателот Пендаровски.

Основната функција на оваа болница, како што рекол, е да им помогне на неколку исклучително ранливи категории, а тоа се старите и изнемоштени лица и пациентите на кои им е неопходна интензивна нега и палијативна грижа.

-Односот кон најранливите е вистинското мерило за карактерот на едно општество. Но, оваа важна задача е сѐ поголем предизвик за македонскиот здравствен систем, и тоа поради неколку причини, додал Пендаровски.

Посочил дека населението старее и дека бројот на возрасни лица на кои им е неопходна помош се зголемува, а од друга страна поради иселувањето, се намалува бројот на квалитетни здравствени работници.

-Највисоката цена ја плаќаат најранливите наши сограѓани кои, наместо да бидат третирани како личности со свое достоинство, се перципираат како товар за системот. Дури во јавноста се наметнува и прашањето дали ние се соочуваме со тивка дискриминација кон постарите лица. Како воопшто да се грижиме за старите и изнемоштени лица во времиња што ја форсираат младоста само заради возраста?, истакнал претседателот.

Според него, за да ја исполни својата вистинска улога, македонскиот систем за социјална и здравствена заштита треба да учи од добрите примери и практики, а за тоа, како што посочи, пример е Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“. 

Таквите резултати, како што рекол, не се случајни затоа што вработените во оваа установа ги почитуваат вредностите во кои верувале двете најголеми хуманитарки на 20-от век.

-Првата е нашата сограѓанка, Мајка Тереза, позната како мајка на милосрдието која верувала дека „најголемата болест на денешницата … е чувството дека сте непосакувани, незгрижени и напуштени од сите“ и дека најдобриот лек е љубовта изразена преку добри и хумани дела. Втората е нејзината современичка, британката Сју Рајдер која го посветила својот живот на ранливите категории откако видела многу луѓе кои биле буквално заборавени при обновата на Европа по Втората светска војна, посочил шефот на државата.

Двете, посочил тој, нѐ потсетуваат дека пациентите се многу повеќе од нивната болест. Дека старите и изнемоштени лица се многу повеќе од нивната слабост и од потребата за нега. Тие се личности со вродено достоинство и неотуѓива вредност коишто заслужуваат хуман однос и грижа. Тие се нечии родители, баби, дедовци, роднини кои поради потребата од интензивна нега или палијативна грижа му се доверени на здравствениот систем, а должност на системот е да им даде здравствена заштита без притоа да ги третира како товар или статистика.

-Водени од нивната длабока вера во Бога, но и љубов кон луѓето, овие две маркантни жени создадоа многу повеќе од институции. Како и нивната претходничка Флоренс Најтингејл и нивниот современик Алберт Швајцер, тие инспирираа цело движење на луѓе посветени на негата кон најранливите членови на општеството. И сето тоа го постигнаа во далеку потешки услови од оние во кои се наоѓа македонското здравство денес. Со своите примери тие покажаа дека и во скромни услови може да им се даде достоинствена грижа на болните, старите и изнемоштени лица, рекол Пендаровски.

Според него, болницата „13 Ноември“ низ годините ги усвоила овие благородни вредности и затоа денес може да биде пример за многу јавни и приватни установи за тоа како треба да се грижат за своите пациенти. Токму поради тоа, државата, заедно со добротворните организации, треба да продолжат да вложуваат во нејзиниот кадар и во материјално-техничката опременост на оваа болница. Болницата „13 Ноември“, како што нагласил Пендаровски, не смее да биде заобиколена и при изработката на стратегиите и политиките што треба да ја вратат грижата за здравјето и за животот на пациентот во центарот на македонскиот здравствен систем. дма/бак/

Фото: Кабинет на Претседателот на РСМ

 

Остани поврзан