• понеделник, 25 ноември 2024

Пендаровски: Пропорционален изборен модел со отворени листи и намалување на бројот на изборни единици

Пендаровски: Пропорционален изборен модел со отворени листи и намалување на бројот на изборни единици
Скопје, 4 јуни 2022 (МИА) - Намалувањето на бројот на изборните единици со непостоечки или минимален изборен праг како и отворените листи имаат потенцијал да ја збогатат парламентарната дебата и да придонесат за намалување на поделбите меѓу граѓаните. Верувам дека тоа ќе придонесе за зголемување на демократската политичка култура и поголем ангажман на граѓаните во политичкиот процес, истакна претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на националната дебата за изборните реформи во државата. На денешната дебата организирана од Институтот за европска политика, претседателот напомена дека изборните реформи се исклучително важно прашање што го дефинира демократскиот развој и амбиент буквално во секоја држава во светот.

-Мојот став со години наназад е дека на долг рок државата ќе биде подемократска држава ако повеќе политички субјекти бидат дел од еден подиверзификуван парламент. Тоа ќе значи дека повеќе граѓани ќе бидат претставени преку свои репрезенти во законодавниот дом, а во крајна линија тоа ќе придонесе не само за зголемена одговорност на партиите кон бирачите, туку и за враќање на довербата на граѓаните во институциите, додаде Пендаровски.

Тој напомена дека уште на почетокот на мандатот ја поддржал иницијативата на неколку политички субјекти за реформа на актуелниот изборен модел. -Генерално, мојата поддршка беше за создавање на пропорционален изборен модел со отворени листи, како и намалување на бројот на изборни единици на целата територија на државата. Во таа прилика ги повикав политичките партии од власта и од опозицијата да ја разгледаат можноста за изборна реформа и со политички консензус да постигнат договор за пропорционален изборен модел со отворени листи, каде што граѓаните ќе имаат можност не само да избираат од политичките  партии, туку да избираат и кандидати, односно, личности, рече претседателот. Инаку, според претседателот, едно исклучително важно прашање за натамошната демократизација на земјата - отворените листи на кандидати за пратеници, во сите досегашни дебати на оваа тема се неправедно потиснати во втор план во однос на прашањето за бројот на изборните единици.

Тој верува дека намалувањето на бројот на изборните единици со непостоечки или минимален изборниот праг, како и отворените листи, имаат потенцијал прво да ја збогатат парламентарната дебата и да придонесат за намалување на поделбите меѓу граѓаните, но и дека тоа ќе придонесе за зголемување на демократската политичка култура и поголем ангажман на граѓаните во политичкиот процес од кои, за жал, тие се повеќе апстинираат како што годините одминуваат.

-Впрочем, една од одликите на секое слободно и демократско општество е токму способноста, конструктивно, низ институциите, да се справи со разликите и несогласувањата кои природно постојат меѓу нас. А клучната институција за таквите дебати е највисокиот дом на демократијата – Собранието на Северна Македонија, додаде Пендаровски.

Тој упати апел до сите учесници на денешнава и на сите идни дебати на оваа тема, а, посебно до оние кои во иднина ќе одлучуваат за промени во изборниот модел, при разгледувањето на можните опции да се водат, пред сé, од јавниот интерес и подобрата иднина за сите граѓани, а помалку од партиските или личните интереси. Затоа што во зрелите демократии, како што рече, никој не е вечно на власт. бт/дма/

Остани поврзан