• петок, 22 ноември 2024

Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Ромите: Да продолжиме да работиме за решавањето на предизвици со кои се соочуваат нашите сограѓани од ромска националност

Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Ромите: Да продолжиме да работиме за решавањето на предизвици со кои се соочуваат нашите сограѓани од ромска националност

Скопје, 8 април 2024 (МИА) - Претседателот на државата Стево Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Ромите ‒ 8 Април, упати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Северна Македонија.

-Дозволете ми да ви го честитам 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите, и да ви посакам добро здравје, среќа и бериќет. Искажувајќи ја својата почит кон ромската етничка заедница како нераскинлив дел од македонското мултиетничко општество, би сакал  да ви се заблагодарам за вашиот придонес за развојот и за напредокот на нашата заедничка татковина. Токму на овој значаен празник не само за ромската заедница, туку и за сите наши граѓани, би сакал да упатам апел и понатаму ревносно да работиме за решавањето на сите предизвици со кои се соочуваат нашите сограѓани од ромска националност, се наведува во честитката.

Воедно, се посочува на постигнувањата, но и на предизвиците со кои се соочува ромската заедница во земјава.

-Со задоволство можеме да се пофалиме дека имаме градоначалник Ром во општина во која ромскиот јазик е официјален и постојано присуство на Ромите во државните институции и во јавниот и општествениот живот. Сепак, мораме да потенцираме дека проблемите со кои се соочуваат Ромите, како што се пристап до здравствена заштита, образование, домување, ги вбројуваат во социо-економски ранливите групи и затоа треба посветено и без импровизации да се бара излезно решение. Заедно и сложно да се справиме со сите отворени прашања, градејќи просперитетна и сигурна иднина за секого. Нека ни е честит 8 Април - Меѓународниот ден на Ромите!, стои во честитката од претседателот Стево Пендаровски. вг/цр/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан