• недела, 24 ноември 2024

Пендаровски: Португалското претседателство очекува Бугарија до 22 јуни да ја одобри преговарачката рамка за С Македонија

Пендаровски: Португалското претседателство очекува Бугарија до 22 јуни да ја одобри преговарачката рамка за С Македонија
Скопје, 21 мај 2020 (МИА) -  Португалското претседателство очекува до 22 јуни, кога треба да се одржи и Советот за општи работи на ЕУ, Бугарија да ја одобри преговарачката рамка за С Македонија,  изјави претседателот Стево Пендаровски, во вечерашното интервју за „360 степени“ на Алсат М. Пендаровски кој денеска се сретна со шефот на дипломатијата на Португалија Аугусто Сaнтош Силва, рече дека португалското претседателство понудило иницијален сет на идеи во кој се уфрлени неколку работи од спорните точки меѓу С Македонија и Бугарија. - Никој не очекува дека ќе се решат спорните прашања за недела или две, дури ни португалското претседателство кое се приближува кон крајот на нивното претседавање. Министерот Силва денеска рече дека во Софија ги слушнал нивните загрижености и доаѓа во Скопје за да ги слушне и нашите размислувања за неколку критични точки. Бидејќи како и Бугарите, така и ние рековме дека за некои работи не можеме да разговараме, за некои ќе разговараме. За тоа што нема да преговараме е познато, тоа е таканаречениот идентитетски комплекс, изјави Пендаровски. Според шефот на државата, Силва побарал од македонското раководство да се кажат точните формулации за критичните точки, односно да се формулираат националните интереси. - Силва рече дека до 22 јуни кога треба да се одржи европскиот совет, до тој момент, ќе очекуваат од бугарската страна да каже "да" за преговарачката рамка. На тој совет присуствуваат само земјите-членки на ЕУ, затоа, португалското претседателство очекува дотогаш Бугарија да каже "да" за преговарачката рамка, но и да каже мислење за иницијалниот сет на идеи. Доколку, Бугарија каже нешто или имаат барање за некаква модификација во тој сет на идеи, ќе нè информираат и ќе разговараме тоа е прифатливо и за нашата страна, рече претседателот Стево Пендаровски.са/  

Остани поврзан