• недела, 22 декември 2024

Пендаровски: Повторно појавување на величественото дело на Борко Лазески, „Фреска за НОВ“, ќе биде додадена вредност за сите

Пендаровски: Повторно појавување на величественото дело на Борко Лазески, „Фреска за НОВ“, ќе биде додадена вредност за сите

Скопје, 25 јули 2023 (МИА) - Многу е важно нашето историско, културно и институционално паметење да го актуелизираме и ревитализираме. Тоа е насушна потреба на нашата сегашност и долг кон иднината, порача вечерва претседателот Стево Пендаровски.

Во обраќање по повод одбележувањето на 60-годишнината од земјотресот во Скопје, Пендаровски, на настан посветен на покренување иницијатива за возобновување на муралот на Борко Лазески „Фреска за НОВ“, што беше уништен во земјотресот во 1963 година, рече дека идејата за повторно појавување на величественото дело на Лазески ќе биде додадена вредност за градот и за сите нас. 

- Имајќи го во предвид маркантното здание на новата Железничка станица во Скопје, која во времето на изградбата беше најголема на Балканот, верувам дека идејата за повторно појавување на величественото дело на Лазески, Фреска за НОБ, на некои од нејзините сводови ќе биде додадена вредност и за овој објект и за градот, и за сите нас, рече шефот на државата.

Иницијативата ја поздрави и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, која истакна дека денешниот настан е потсетник за улогата на Лазески при дефинирањето на културниот идентитет на Македонија и на неговиот влог во создавањето на современата македонска уметност. 

- Фреска за НОБ е важен дел од меморијата на старо Скопје. Ова монументално дело, било долго 45 метри, со вкупна површина од 225 квадратни метри, и на него се претставени над 100 човечки фигури. Лазески е сам по себе монументална фигура за современата македонска уметност, кој успеал да ги обедини различни уметнички традиции, рече министерката за култура.

Костадиновска Стојчевска дополни дека поставувањето на овој мурал ќе биде чин што потврдува дека македонската култура умее да создаде однос кон својата традиција, да ги препознае и да ги оживее своите автентични вредности. 

На настанот се обрати и директорот на Јавното претпријатие „Железници на Република Северна Македонија Инфраструктура“, Зоран Трифуновски, кој истакна дека самата прилика за денес да говориме за, како што рече, „вакво неповторливо дело“ е привилегија, чест, но и аманет да направиме сѐ за ова културно наследство да го заштитиме. 

Теоретичарот на уметност, Владимир Јанчевски и ќерката на Борко Лазески, Росица Лазеска, зборуваа за делото на Лазески и неговата важност за македонската уметност и култура. ар/лв/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан